„Ние понудивме победничка опција за Македонија која опфаќа и интеграција во ЕУ и зачуван идентитет. Очигледно за Ковачевски поважно е ДУИ да не биде опозиција од тоа Македонија да оди напред.

Сега е на СДСМ да одговори на нашата понуда, дали ја прифаќа или не“, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски синоќа за „Фокус“, а во врска со ставот на партијата кој денеска бил јасно презентиран од партискиот лидер Христијан Мицкоски на средбата со премиерот Ковачевски.

Ставот на ВМРО-ДПМНЕ е дека се подготвени да влезат во Влада со СДСМ и останатите партии, но без учество на ДУИ.

Освен овој услов, што ДУИ експресно го прифати, Мицкоски побара уставните измени да стапат на сила од денот кога ќе почне ратификацијата на пристапниот протокол на Македонија во рамките на ЕУ од парламентите на 27 членки.

Исто така, услов на ВМРО-ДПМНЕ е и ЕУ да донесе Декларација со која ќе нагласи дека го признава посебниот македонски идентитет, јазик, култура, обичаи и традиции.