Изјавите на бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов дека ќе го оспори членството на Македонија во ЕУ и на европратеникот  Андреј Ковачев, дека македонскиот јазик е западнобугарски дијалект и оти посакува релацијата меѓу Македонија и Бугарија да е како онаа на Грција и Кипар, за професорот Владо Поповски се – индивидуални.

Во изјава за МИА, Поповски оцени дека овие изјави треба да се сфатат како индивидуални, како лично мислење, иако некои од нив имаат и некои официјални позиции. Тој, смета дека релациите меѓу бугарската Влада и македонската Влада со потпишаниот Договор за пријателство и соработка се едно друго ниво и еден друг однос на Бугарија кон Македонија.

„Ќе има веројатно и други изјави и тие повеќе зборуваат, укажуваат на тоа дека треба да се остави релацијата да функционира меѓу Владите, заедничката комисија да продолжи да работи околу учебниците, а некои нејасни работи дали постои македонски јазик или не постои македонски јазик нека остават на науката, на славистиката, па конечно и во Бугарија има претставници и од науката кои имаат различно мислење во однос, на пример, на изјавата и на Кракачанов и на Ковачев, рече Поповски за МИА.

Смета дека денес да спориме и да се нервираме со поединци нема никаква смисла, затоа што во славистичката наука, посочи тој, почнувајќи од Харвард до Москва има светски слависти кои го имаат искажано својот став за постоење на македонскиот јазик во заедницата на словенските јазици, бидејќи тој не се преклопува ниту со бугарскиот, ниту со српскиот јазик.