МПЦ-ОА најави протест: Децата имаат татко и мајка, а не родител 1 и родител 2

Протест против предлог-Законот за родова еднаквост и измените на Законот за матична евиденција, најави Македонска православна црква под мотото „За нашите деца, за нашата иднина“.

МПЦ-ОА е против законот кој наметнува менување на биолошката и објективна реалност и велат дека постојат само два пола кои не може да се променат.

„Да не дозволиме нашите деца да бидат индокринирани дека можат да си го променат својот пол со помош на сомнителни невладини организации и дека наместо мајка и татко имаат родител 1 и родител 2“ , велат од МПЦ-ОА.

Протестот е најавен за 29 јуни, пред Соборниот храм „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје со почеток во 18 часот.

Светиот архијерејски синод на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија со особена грижа ги разгледа предлог-законите за матична евиденција и родова еднаквост и изразува особено жалење и загриженост што релевантните институции го игнорираа Соопштението од сите верски заедници, кои претставуваат над 95% од населението, велат тие.

„Негативните последиците од ваквите закони веќе ги согледуваат најстарите демократски општества во светот каде веќе се предмет на сериозна критика или отфрлање. Будно следејќи ги сите случувања и активни притисоци за носењето на овие Закони, длабоко сме загрижени и доведени до ситуација да мора да го заштитиме и одбраниме  семејството, а пред сѐ нашите деца“, велат од МПЦ-ОА.

Лидерите на петте регистрирани верски заедници во земјава: православната црква, исламската заедница, католичката црква, еврејската заедница и евангелско-методистичката црква, во заедничко соопштение неодамна го изразија ставот против предложените измени на законите за личните документи и за родовата еднаквост.

Според нив, неприфатливо е легалното признавање на „родовиот идентитет“ во овие закони, како и збунувачкото разликување меѓу: пол, род и родов идентитет.

Преку нивното донесување, наместо да се заштитат, се отвора можност за дискриминација токму на најранливите ‒ жените и децата! – порачаа тие.