Над стотици илјади засегнати граѓани се погодени со прогласувањето на важечките пасоши за неважечки, а некои дури добија термини за обновување на пасошот дури за октомври 2024 година, предупредува Централниот совет на Македонците во Германија.

Тие ѝ даваат рок на македонската влада до 23 февруари да го повлече своето решение за поништување на важечките пасоши и да се погрижи за брзо и ефикасно издавање важечки пасоши, дознава МКД.Мк.

„Одборот на Централниот совет на Македонците во Германија на вонреден состанок едногласно одлучи да побара итно враќање на човековите права за македонските граѓани и да покрене правна постапка.

Во писмото упатено до претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен, до германскиот канцелар Олаф Шолц и до македонскиот технички премиер Талат Џафери, Централниот совет на Македонците во Германија повикува на итни мерки за ставање крај на овие прекршувања на човековите права.

Доколку до 23 февруари 2024 година, владата не го повлече решението со кои за неважечки се прогласија важечките македонски пасоши со името Република Македонија, Централниот совет на Македонците во Германија го задржува правото да преземе правни активности за спроведување на правата на засегнатите граѓани на суд.

Претседателот на Централниот совет Роберт Кленкоски ја истакна итноста на ситуацијата и апелираше до сите инволвирани влади веднаш да дејствуваат:

„Не смее да се толерира кршењето на правата на граѓаните, ниту во ЕУ, ниту во Македонија. Од најголема важност е македонската влада сериозно да ја сфати оваа итна работа и веднаш да дејствува за да ги врати правата на граѓаните на нашите граѓани“.