Медведев: Америка и НАТО ѝ објавија војна на Русија

Високи руски функционери денеска продолжија да ги обвинуваат САД и Западот за одлуката на рускиот претседател Владимир Путин да го суспендира договорот за контрола на нуклеарното оружје Нов почеток. Одлуката допрва треба да ја потврди рускиот парламент, но никој не се сомнева дека тоа ќе се случи.

Русија се повлекува од договорот со САД за нуклеарното оружје

Поранешниот руски претседател и близок соработник на Путин, Дмитри Медведев, кој моментално е заменик-претседател на Советот за безбедност на Русија, вели дека потегот бил задоцнет бидејќи, како што тврди, САД и НАТО практично и објавиле војна на Русија.

„Ние бевме принудени да ја донесеме таа одлука со војната што ѝ ја објавија на нашата земја Америка и другите членки на НАТО. Таа одлука ќе има огромен одек во светот, особено во САД“, објави Медведев на својот канал „Телеграм“.

И шефот на руската Дума, долниот дом на парламентот, исто така ги обвини САД за суспензија на договорот од Русија. „Америка одбива да дејствува во согласност со своите обврски, а исто така ги отфрли предлозите на нашата земја за глобалните безбедносни прашања. Така, ја уништи архитектурата на меѓународната стабилност“, рече шефот на Думата, Вјачеслав Володин.