Мантон: „Бугарското барање за менување на Уставот на РМ е мешање во внатрешните работи на други држави“

„Во нејаснотиите што ги остави зад себе германскиот канцелар со дипломатската офанзива низ Србија, Косово, Македонија и Бугарија, особено ‘мистериозна’ остана неговата наводна порака во Софија за ‘исполнување на сите бугарски услови за Македонија’.“ – вели Јасминка Павловска во својата анализа со наслов „Што му значи, добога, тоа ‘исполнување на сите бугарски услови за Македонија’?!“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

„Европската иднина на Македонија заплеткана во флоскули и неподготвеност на политичарите од ЕУ“

Павловска пишува: „Тоа предизвика реакција на непријатност во македонската јавност и сомнежи за двојни стандарди и калкулативност на европските политичари, лицемерство, па дури и непознавање на меѓународното право и неподготвеност за процесирање на меѓународноправното битие и постапка во врска со споровите во меѓусебните релации на државите, вклучувајќи и за балканските земји“

„Неодамнешната посета на германскиот канцелар Олаф Шолц на Балканот донесе уште повеќе нејаснотии наместо јасни ЕУ-перспективи за регионот. Во одредени балкански политички кругови пораките на Шолц беа прочитани како ултиматуми, но и сигнали дека Германија во моментов има други приоритети и оти Балканот не е на таа листа.“

„Професорката по меѓународни преговори и посредување Ида Мантон смета дека официјалните претставници на ЕУ никогаш не смеат да дозволат во барањето решение да бидат прекршени стандардите на ЕУ, ОБСЕ, ОН и воопшто на меѓународното право. ‘Ако европските политичари ги знаат и ги почитуваат стандардите на ЕУ, тогаш не смеат да дозволат барањата на Бугарија да бидат услов за повлекување на ветото, ако се спротивни на европските и принципи. Самото барање за менување устав во друга држава е прекршување на принципите градени врз основата на Хелсиншкиот документ, каде што сме се обврзале на немешање во внатрешните работи на други држави…’ – вели професорката Ида Мантон.“

„На штета на европските стандарди, во полза на ‘балансирање на интересите“

„За однесувањето на лидерите на ЕУ, што понекогаш наликува на спротивност од европските стандарди кога се практикува на теренот на Западен Балкан, директорката на Институтот за европски политики од Скопје Симонида Кацарска оценува дека тоа се должи на обидите за балансирање на интересите. ‘Дејствувањето на лидерите на ЕУ секогаш подразбира балансирање на односите со другите земји, како и националните интереси и интересите на Унијата. Нашиот регион поради поголемите теми е од второстепено значење и поради тоа честопати е запоставен. Не постои вистинска политичка волја да им се обезбеди на земјите во регионот она за што ги исполниле сите критериуми.’ – вели Кацарска.“

Интернет-врска до целата анализа:

https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/shto-doboga-mu-znachi-toa-ispolnuvanje-na-site-bugarski-uslovi-za-makedonija/