Кржаловски: „Борел тестира дали Владата е подготвена за нови отстапки, колку волја ќе покаже за ново наведнување на главата“

„Високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ Жозеп Борел не беше истакна никаква иницијатива за надминување на бугарската блокада за Македонија, туку само порака Скопје и Софија да ги решат отворените прашања. Според аналитичарите, со ова Борел на некој начин тестира дали и колку македонската влада е подготвена за нови отстапки. Тапкањето по рамо и европското лицемерство, сега во контекст и на актуелните случувања во Украина, уште еднаш ја потврдија европската непринципиелна политика на повеќе вредности кога станува збор за проширувањето, особено кон Македонија.“ – вели Сашо Таневски во својата анализа со наслов „Уште еден европски тест за издржливоста на Македонија“

Таневски пишува: „Многу недоумици во македонската јавност останаа по посетата на Македонија на високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел, кој, освен задоволството на Европа со македонската усогласена политика во однос на санкциите кон Русија, не кажа ништо друго околу почетокот на пристапните преговори на Македонија со Унијата, како и околу евентуалната помош од Брисел за штетите што државата ги трпи од санкциите.“

ЕУ продолжува со неконзистентните политики““

„Според поентите што завчера ги кажа Борел во Скопје, очигледно ЕУ ќе продолжи со своите неконзистентни политики дури и во вакви турбулентни времиња, калкулирајќи со сопствената безбедност во момент кога најмалку треба да се калкулира. „Македонската влада треба да има многу повнимателен пристап во преговорите со Бугарија. Многу е позначајно што ќе следува од наша страна по оваа посета на Борел, отколку нејзиниот непосреден одглас.“ – вели д-р Малинка Ристевска Јорданова од Институтот за европска политика.

„Првиот извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка Александар Кржаловски смета дека Борел на некој начин тестира дали македонската влада е подготвена за нови отстапки. ‘Сосема јасна е пораката што високиот претставник за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел ја испрати во Скопје – колку нашата влада ќе покаже волја за уште едно (ново) наведнување на главата, за, нели, да „не ни ја исечат главата“, т.е. да го добиеме фамозниот датум за почеток на ЕУ-преговорите.’ – вели Кржаловски.“

„Подобро би било Македонија во овој момент да вложи сериозни напори како навреме да влезе во кругот на земји, што ќе побараат финансиска помош од Унијата за штетите што ги трпи од санкциите. Но, истовремено и да се сврти кон средување на внатрешните состојби во делот на владеењето на правото, реформи на администрацијата, образованието, здравството, економијата, енергетиката и другите сфери. Опседнатоста со датумот треба да биде ставена во некоја друга перспектива и политичарите треба конечно да почнат да работат во интерес на македонските граѓани, наместо неработењето да го правдаат со фокусираност на евроинтеграциите, кои очигледно стануваат премногу далечна и сѐ потешко остварлива цел.“ – заклучува Таневски во својата анализа.