Од македонската влада често се сугерираше дека очекуваат порелаксирана атмосфера во однсосите со Софија – која го блокираше на патот во Европската унија поради нерешените прашања меѓу двете земји – по парламентарните избори в недела во Бугарија.

Според последното истражување на агенциите за испитување на јавното мислење, во тамошниот парламент ќе влезат меѓу четири и седум политички сили, а сите анкети им даваат предност на сега владејачката партија на Бојко Борисов ГЕРБ, а втора е Бугарската социјалистичка партија БСП која ја предводи Корнерлија Нинова, пренесува РСЕ.

Досега актуелниот премиер Борисов во односите со Македонија даваше повоздржани изјави, а носители на поострата реторика за спорот беа министерката за надворешни работи Екатерина Захариева.

Ривалската социјалистичка партија БСП има став дека Македонија не може да стане членка на Европската унија за сметка на како што рече, бугарските национални интереси, а лидерката Нинова вели дека тие треба да ги заштитат категорично националните интереси.

Всушност сите бугарски партии на прашањето за земјава во предизборните дебати се повикуваат дека нема да има промена на позицијата земајќи предвид дека таа е утврдена во бугарскиот парламент кој во 2019 година усвои декларација со 129 гласа за, четворица против и еден воздржан.

„Нема гаранција во однос на тоа дека позициите на новата влада би биле поразлични. Секако би било многу по опортуно ако во новата бугарска влада нема екстремни гласови и ставови во однос на спорот со Македонија меѓутоа мислам дека е рано да ја прејудицираме самата структура на владата“, вели Симонида Кацарска од Центарот за Европски политики за РСЕ.

Екстремниот глас за кој зборува Кацарска, Красимир Каракачанов засега не се знае дали ќе влезе во новиот бугарски парламент.