Потпишувањето на анексот на Договорот со ЕУ со којшто Коридорот 8 влегува во мапата на главните европски коридори, не ја оправдува постапката на Владата за користењето европско знаменце за петте закони поврзани со изградбата на автопатите од „Бехтел и Енка“ велат од Институтот за европска политика.

Од ЕПИ предупредуваат дека оваа постапка остава простор за реакција од ЕК во натамошниот процес на отворање на поглавјата, пишува Радио слободна Европа.

„Никој не го спори значењето на коридорите, но постапката во парламентот со овие специфични закони и ставањето на овој коридор во мапата на европски коридори тешко дека ќе го реши процедуралниот момент кој е ставен во прашање.

И да не заборавиме, ЕУ е заедница базирана на право и со ваквото користење на знаменцето ние не испраќаме добри сигнали за поимањето на истата и нашето членство како идна земја членка, бидејќи повторно не го врзуваме носењето на овие закони со правна норма, коешто би го оправдала носењето на законите со европско знаме“, вели Симонида Кацарска од ЕПИ.

РСЕ потсетува дека од Владата повторуваат дека измените на петте закони се со европско знаменце бидејќи беа блокирани од опозицијата

Делегацијата на ЕУ, како и евроамбасадорот Дејвид Гир неколку пати досега реагираа дека европско знаменце треба да се користи само при усогласување на македонското со законодавството на ЕУ, што во овој случај, не се прави.