Јањатов: Треба референдум дали Македонија да влезе во ЕУ – да се преиспитаат Преспанскиот и договорот со Бугарија

„Собранието треба да донесе итно одлука за распишување референдум, на кој граѓаните ќе се изјаснат дали Македонија треба да влезе во ЕУ. Неопходно е преиспитување на сите меѓународни договори, што одразуваат некаква врска со ЕУ, склучени од самостојноста до денес, вклучувајќи ги Преспанската спогодба и Договорот со Бугарија, па дури и некои внатрешни договори, што биле изгласани заради европерспективите.“ – коментира поранешниот дипломат Драган Јањатов за весникот „Нова Македонија“ по неуспехот да се отпочнат преговорите на Македонија со ЕУ.

Во својата статија со наслов „Дали ‘што поскоро’ во превод значи ‘многу побавно’?!“ нејзиниот автор Сашо Таневски, покрај овие ставови на Јањатов, натаму изнесува: „Македонија не доби датум од ЕУ, Бугарија доби бонус-време и алиби за блокади. Министрите за европски прашања ја отстранија временската рамка, во која би требало да биде решен македонско-бугарскиот спор, и оставија отворен простор почетокот на македонските пристапни преговори за членство во ЕУ да се одложува во недоглед, односно додека Бугарија ќе процени дека се исполнети нејзините барања. Отстранувањето на временската рамка ја потврди европската непринципиелност, која одново покажа дека ЕУ се води само од интересите на своите земји-членки, без оглед на нивната апсурдност, погазувајќи ги сите ветувања, што ги дала кон Македонија, како и сопствените вредности и критериуми, врз кои почива европската идеја.“

„Познавачите на состојбите во евроинтегративниот процес сметаат дека без временска рамка, преговорите со Бугарија може да се одолжат во недоглед, што може да претставува опасност за земјата. Според Малинка Ристевска-Јорданова од Институтот за европска политика, ‘во ваква ситуација крајно време е и Македонија да го преиспита својот пристап кон преговорите со ЕУ, со поглед на долгорочноста на целиот процес, а не со насоченост кон концесии, што ќе имаат долгорочни последици за краткорочни ‘добивки’, вклучувајќи и за домашни политички потреби.’ – нагласува Ристевска-Јорданова.“
.
„Поведен од неконзистентната европска политика кон Македонија, поранешниот дипломат Драган Јањатов предлага Македонија да преземе подрастични мерки во врска со евроинтегративниот процес. ‘Јасно е дека Бугарија е само инструмент. Унијата има некои свои сметки, во кои Македонија не се вклопува. Решението е итно Собранието да донесе одлука за распишување референдум, на кој македонските граѓани ќе се изјаснат дали Македонија треба да влезе во ЕУ. Тоа ќе го покаже расположението на народот по толку години разочарувања.’ – додава Јањатов.“

„Според него, Македонија треба да ги преиспита и сите меѓународни договори поврзани со евроинтегративниот процес. ‘Треба да се преиспитаат сите меѓународни договори, кои што одразуваат некаква врска со ЕУ, склучени од самостојноста до денес. Треба да се види Преспанската спогодба, да се види Договорот со Бугарија, дури и некои внатрешни договори изгласани заради европерспективите.’ – истакнува Јањатов.“

Интернет – врска до целата колумна:

https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/%d0%b4%d0%b0%d0%bb%d0%b8-%d1%88%d1%82%d0%be-%d0%bf%d0%be%d1%81%d0%ba%d0%be%d1%80%d0%be-%d0%b2%d0%be-%d0%bf%d1%80%d0%b5%d0%b2%d0%be%d0%b4-%d0%b7%d0%bd%d0%b0%d1%87%d0%b8/