Итни промени врз „Македонска платформа“, за Македонците и сите граѓани! – пишува Свето Тоевски

Претседателот на Македонската академија на науки и уметности Љупчо Коцарев ќе говори утре на 2 август, на Илинден во дворот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во битолското село Трново во рамки на 51. традиционална Семакедонската илинденска средба. Дали е ова „илинденско активирање“ на Коцарев и негов втор чекор во рамки на ангажманот што го најави како интелектуалец, откако  најави дека настапува „Времето на промени“ во Македонија и оти МАНУ и интелектуалците ќе ги предводат тие промени?! Пред неколку дена бездруго првиот свој чекор Коцарев го направи, откако јавно му упати порака на Пендаровски дека повеќе нема поддршка и доверба од македонскиот народ и да не размислува за никаква повторна кандидатура како шеф на македонската држава.

Не знам какви пораки ќе упати Коцарев утре, не сум информиран со какви содржини планира да започне да го исполнува „Времето на промени“ во Македонија, ниту каков ќе биде конкретниот ангажман на МАНУ и интелектуалците во врска со тоа. Но, целосно застанувам до Љупчо Коцарев и неговите ставови, со особена поддршка на ставот дека е потребно најбрзо раскинување на антимакедонските и геноцидни договори – Бугарскиот и Преспанскиот!

Преспанскиот и Бугарскиот договор се двајца „браќа близнаци“, од еден ист „меѓународен татко“. Двата договора се директно продолжение, надоврзување кон „Букурешкиот договор“ од 1913 година. Тие се „Букурешки договор“ број 2. Преспанскиот и Бугарскиот договор се целосно усогласени меѓу себе во остварувањето на крајната цел: „бришење“ на Македонија и Македонците како држава и народ, за „конечно“ и „целосно“ решавање на „македонското прашање“ на Балканот и во Европа. За да не му биде тоа „македонско прашање“ повеќе никому товар и главоболка. Затоа, или ќе ги снема Бугарскиот и Преспанскиот договор, или ќе ги снема Македонија и Македонците!

Коцарев навестува ангажман, во кој МАНУ и интелектуалците ќе го предводат македонскиот народ. Но, таквиот ангажман ќе биде бесцелен и непотребен, ако се се сведе само на некаква расправа на академиците во МАНУ, како што стануваат се повеќе бесцелни и непотребни анализите, колумните и интервјуата. На Македонците безмалку се им е јасно, барем она главното. Македонскиот народ бара веќе сега конкретни активности за промена на неподнесливата ситуација, која со примената на бугарските протоколи ќе се претвори во „ужас без крај“, како што кажал Ѓорче Петров за состојбата на македонскиот народ во неговото време.

На Македонците им ‘гори под нозете“ веќе сега и тоа се повеќе, затоа нема зошто Коцарев да чека во септември МАНУ да започне расправа. Како столб на македонската држава и на државноста на македонскиот народ МАНУ треба да биде институцијата, од која ќе потекне „Времето на промени“, но не да стане место кај што се ќе заглави  пред и да започне каква било промена! Претседателот на МАНУ утре ќе говори на Семакедонската илинденска средба и потребна е токму таква – Семакедонска платформа за промени – како дејствителна платформа за најконкретно и најитно покренување и сплотување на македонскиот народ, за да доведе на власт нова генерација промакедонски ориентирани политичари. Промакедонски политичари кои ќе бидат многу повеќе национални дејци, отколку борци за фотелји, за тендери и за злоупотреби на политичката моќ!

Неодамна беше соопштено дека 800 професори, лингвисти и други интелектуалци бараат повлекување на Едностраната изјава на Бујар Османи во врска со македонскиот јазик, која беше доставена во ЕУ. Деновиве беше соопштено и дека повеќе од 2500 интелектуалци, јавни и други личности од Македонија и иселеништвото во светот ја имаат потпишано петицијата против примената на „францускиот предлог“ и бугарските протоколи, со кои Бугарија им забранува и дури им наредува на Македонците и Македонија да не постојат повеќе, во име на евроинтеграциите.

Коцарев треба треба веднаш да го преземе и следниот чекор: да формира обединувачко јадро, кое ќе ги изорганизира сите овие противници на уништувањето на македонската нација и македонската држава и кое потоа ќе преземе најбрзи активности за испишување и усвојување на „Македонската платформа“ за „Времето на промени“. Притоа, никако не смее се да се сведе само на МАНУ: таа може да биде покровител, осмислувач, но не и единствениот создавач на таквата општонародна платформа.

Пред Коцарев, но и уште повеќе пред Катица Ќулафкова, и други македонски академици и интелектуалци, стои уште еден многу важен чекор: потребата уште веднаш да се произнесат околу навестеното можно, или извесно формирање одделна академија на науки и уметности на Албанците во Македонија. Од причини за мене непознати, споменатите не се огласуваат со ставови во врска со колумната на академикот Абдулменаф Беџети, на кој се надоврзаа во изминативе неколку дена сега веќе цела серија други јавни личности и интелектуалци-Албанци од Македонија. Потребен е јасен и стамен македонски одговор, соочување на аргументите и разјаснување на вистината.

Формирањето сопствена академија на науки и уметности за кој било народ не значи само имање највисока научно-истражувачка институција, туку е тоа многу повеќе создавање на еден од врвните белези на државноста на тој народ! Штом Катица Ќулафкова тврди дека не им предложила на академиците-Албанци да си формираат „трета албанска академија“, дали зборовите на Абдулменаф Беџети треба да се сфатат како најава на почеток на еден комплекс на активности за оживотворување на „политичко-територијалната автономија“ на Албанците во Македонија, во чии рамки академијата би била само дел на таа автономија? „Трета албанска академија“ – „трета албанска држава“?

Во секој случај, секогаш треба треба да се гради интегративна основа на постоењето на Македонија со опфат на сета нејзина повеќеетничност, но притоа е клучно прашањето: кога сите народи на Балканот имаат свои матични национални држави, дали македонскиот народ нема такво право да оформи повторно унитарна македонска држава, која ќе биде во најшироката и највистинската смисла на зборот татковина и на сите други етникуми, што живеат во Македонија? За мене целта и смислата на постоењето на „Македонската платформа“ е токму возобновувањето на Република Македонија како држава на македонскиот народ. Притоа не пројавувам никакви чувства и ставови на нетрпеливост, ниту на исклучување наспрема кој било етникум. Напротив, со реална почит се однесувам кон сите и иста таква почит очекувам да се пројави и кон македонскиот народ и Македонија.