Инспекторите не го даваат Пауновски-Котели: Потпишуваме петиција, Заев да ја преиспита најавата за разрешување

Инспектори од сите градови се на пат кон Скопје и бараат прием кај премиерот Заев во Владата. Потпишуваат петиција да не биде разрешен директорот на ДПИ, Стојко Пауновски. Не исклучуваат и протести против разрешувањето.

Бараат премиерот да ја преиспита најавата за разрешување на директорот на ДПИ поради несогласување да вработи 35 лица според рамковниот договор.

Александра Котели од ДПИ вели за Канал 5 дека вработените веќе собираат потписи со петиција и бараат од премиерот Заев да ја преиспита неговата одлука.

Во историјата на Инспекторатот немало толку успешен директор, велат дел од колегите на Стојко Пауновски, изненадени од изјавата на премиерот Зоран Заев за негово разрешување поради тоа што не прифаќа нови 35 рамковни вработувања.

Пауновски претходно изјави за медиумите дека и по цена да биде разрешен од директорското место, нема да отстапи од одлуката дека нема да ги прифати рамковните вработувања со образложение дека тие лица сакаат канцелариска работа, а не теренска каква што предвидува неговиот Инспекторат, а повеќето од нив немаат соодветно образование.