ИДСЦС и ЕПИ: „Не смеат да се поддржат преговори со ЕУ, со кои ќе се разнебити македонската држава“

„Македонската држава никогаш не смее да поддржи преговарачки процес со ЕУ, кој ќе стане основа на разнебитување на нашата државност, загрозувајќи ја внатрешната и регионалната стабилност со несогледливи последици, сметаат од Институтот за демократија (ИДСЦС) и Институтот за европска политика (ЕПИ), кои денеска го презентираа документот ‘Бугарското вето на македонските евроинтеграции: какво јаболко може да загризе Македонија?“ – објави весникот „Нова Македонија“ во својата редакциска статија со наслов „Преговорите со ЕУ не смее да станат основа на разнебитување на државноста“

„Панел-дискусија за бугарското вето на македонските евроинтеграции“

„Нова Македонија“ пишува: „Институтот за демократија и Институтот за европска политика наведуваат дека за ‘македонските црвени линии’ е недозволиво внесување механизам за следење или спроведување на Договорот со Бугарија во преговорите со ЕУ преку преговарачката рамка. Според нив, Бугарија мора да се обврзе дека нема дополнително да отвора нови прашања и дека македонскиот јазик треба да е без какви и да е додавки. Оттаму наведуваат дека не смее да се прифати менување на Уставот, како услов за почеток и тек на преговорите, а бугарската страна треба експлицитно да го признае македонскиот идентитет.“

„Дел од „црвените линии’ треба да е и оневозможување на злоупотреба на историското минато за етнополитички цели, како и спречување на говорот на омраза од двете страни, гарантирајќи ја слободата на изразување. Како последна ‘црвена линија“ Институтот за демократија и Институтот за европска политика ја наведуваат работата на Историската комисија, која, според нив, треба да е ослободена од диктат и без ограничување со рокови.“

„По воведните обраќања на настанот, на кои директорката на ЕПИ Симонида Кацарска и претседателот на ИДСЦС Марко Трошановски ја образложија содржината на документот и неопходноста од придржувањето кон него, се одржа панел-дискусијата.“

„Претседателот на Паневропското граѓанско движење Марјан Ѓорчев истакна дека нашиот приод кон преговорите со Република Бугарија е погрешен веќе 31 година. ‘Од 15 јануари 1992 година ние премолчуваме. Ние сме во подредена состојба. На нивното фалбаџиско дека тие први нè признале никогаш не им одговараме со тоа да, но тоа претставува вашата теза дека Македонија е бугарска земја, затоа нè признавате, не го признавате македонскиот јазик и македонската нација.’ – посочи тој.“

„Според Институтот за демократија и Институтот за европска политика, исклучително раното внесување на бугарската заедница во Уставот, што би можело да се искомплицира во текот на преговорите, начинот на кој тоа ќе биде толкувано од страна на Бугарија, како и механизмите што се вградени во тековниот неофицијален ‘предлог’ на француското претседателство се дел од клучните ризици во документот. Од денешниот настан тие побараа Собранието уште денеска да свика седница за францускиот предлог.“

Интернет-врска до целата статија:

https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/pregovorite-so-eu-ne-smee-da-stanat-osnova-na-raznebituvanje-na-drzhavnosta/