И покрај евидентниот притисок мали се шансите Бугарија да го крене ветото

Големи се шансите Бугарија да го повлече ветото за Македонија во мај и на тој начин владата на Кирил Петков да ѝ овозможи на земјава старт на преговорите со Европската Унија. Ова го тврди бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски, кој открива дека планот е на 24 мај Советот за општи работи на ЕУ да даде согласност за старт на преговорите со Скопје и со Тирана, а потоа оваа одлука да биде потврдена на јунскиот Самит на европските лидери.

Дека нешто вакво се крчка говори и силниот притисок што во изминатиов период го трпи нашиот источен сосед од Германија, особено по изјавата на германската министерка за надворешни работи, Аналена Бербок, дека Бугарија презела обврска во јуни да го одблокира патот на Македонија кон ЕУ – пишува Плусинфо.

Овде, очигледно, повеќе не помагаат ниту демантите од бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчовска која е член на партијата на Слави Трифонов, Има таков народ, а за која, пак, бугарските медиуми сега отворено пишуваат дека ќе биде сменета од министерската позиција и дека на нејзино место најверојатно ќе биде назначена Весела Чернева, актуелна советничка на премиерот Кирил Петков.

Според бугарскиот аналитичар Владимир Владимиров, ваквото разногласие отвара многу прашања.

– Бугарското општество и македонското општество сега не знаат што да мислат. Еден ден министерката Генчовска кажува едно, а веќе следниот ден кажува друго. И сега во бугарската јавност излезе информација дека е сосема можно премиерот Кирил Петков да ја смени министерката Генчовска со друг поискусен и посериозен дипломат – вели Владимиров.

Симонида Кацарска од Институтот за европска политика, пак, во интервју за Сител вели дека моментот со конфликтот во Украина, како и промената на владите во Берлин и во Софија, придонесуваат Германија посилно да инсистира за решавање на спорот со Македонија.

– Времето е кратко, јуни е блиску, а тука е и големиот прашалник во поглед на француските избори кои ќе бидат клуични за правецот по кој ќе се движи Унијата – објаснува Кацарска.

Масло на огнот фрли и вчерашната изјава на македонскиот шеф на дипломатијата Бујар Османи, кој ја информираше јавноста дека постои некаков договор кој е прифатлив за нас.

– Да, има еден таков документ што ние сме спремни да го прифатиме, меѓутоа чекаме да добиеме одговор дали е прифатлив и за Бугарија – рече Османи.

Бугарското МНР, пак, денеска го демантираше македонскиот министер и тврди дека Македонија веќе била информирана оти предлозите се неприфатливи за Бугарија. Оттаму велат дека „кога ќе има изгледи за значителен напредок, бугарската страна ќе испрати свој контрапредлог.

Целиот текст на следниот линк:

https://plusinfo.mk/germancite-pritiskaat-ama-bugarite-se-zhilavi-e-pro-de-li-ushte-eden-uni-bez-da-dobieme-datum-za-pregovori-so-eu/