Грчева: На 30 септември оваа влада и нејзините помагачи одат во заборав

Солза Грчева, претседател на партијата Глас за Македонија, повикува за бојкот на најавениот консултативен референдум, убедена дека на денот на неговото одржување Владата и тие што стојат зад неа ќе заминат во заборав.

„На 30 септември оваа влада и нејзините јавни и тајни помагачи одат во заборав.
БОЈКОТ!“, напиша некогашната пратеничка на СДСМ на својот профил на „Фејсбук“, на кој претходно постира уште две категорични пораки за ова прашање:

„Овој уште непропаднат договор (ама е на пат), Ацо Николовски ќе правел нов договор со Грција. Каков договор, какви бакрачи! Само правна, а никако не политичка разврска, е правиот пат за завршување на ова насилие на големите сили врз мала земја. Ова се става на Ignore и се оди по патеката на замена на референцата со Република Македонија. За севкупна употреба. Е, за тоа треба знаење, дипломатија, партнери, храброст и решителност. А не дилетанти кои мислат дека ќе опнат фармерки и сите ќе им плескаат како на мечка на свадба“;

„Овие од власта имаат сериозен проблем со значењето на зборот ‘зацврсти’.
Рената Дескоска: ‘Бојкотот на референдумот ќе го зацврсти договорот со Грција’.
Заев: ‘Договорот со Грција го зацврснува нашиот идентитет’.

Како и да е, ние не сакаме поцврст идентитет од оној кој го имаме, а референдумот го бојкотираме! Единствено што се зацврснува е стравот кај нив дека ова насилие пропаѓа! И тоа очигледно“.