Фудбалската репрезентација на Германија ѝ врати на Македонија за поразот од 2:1 во Дуизбург и со победата од 4:0 во Скопје го обезбеди пласманот на Светското првенство 2022 во Катар.

„Црвено-жолтите“ издржаа без примен гол во првото полувреме на Националната арена „Тодор Проески“, но доминацијата на четирикратниот светски шампион беше крунисана во вториот дел со погодоците на Каи Хаверц во 50. минута, на Тимо Вернер во 70. и во 73. минута и на Џамал Мусјала во 83. минута.

Со првиот пораз во петтиот натпревар под водство на Благоја Милевски, Македонија падна од второто на третото место во групата Ј со 12 бода, еден помалку од Романија, која ја совлада Ерменија со 1:0 во Букурешт, а Германија ќе остана прва со 21.

Во следниот и претпоследен круг на 11 ноември избраниците на селекторот Благоја Милевски ѝ гостуваат на Ерменија, а три дена подоцна ќе го пречекаат Исланд.