Европратеничка со порака до ЕУ: Ужасно е што Македонија беше натерана да го промени името

Европратеничката Клер Дели која е позната по тоа што е без влакна на јазикот му порача на Брисел – „Ако лицемерието имаше име, ќе се викаше ЕУ“, рече еднаш Дели. Таа во Брисел отворено му се спротивставува на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски и не му дозволува да ги негира македонската држава, јазик и култура. Пратеничката од ирската левица во Европарламентот ја нарече шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лаен „госпоѓа геноцид“, критикувајќи ја поддршката што му ја дава на Израел. „ЕУ станала институција што ја презира демократијата“, е само една од изјавите на Дели, која пак го презира она во што се претвора ЕУ.

Популарната независна левичарска, прашана во една прилика како би ја коментирала улогата на ЕУ во однос на исполнувањето на некои критериуми за членство и условите од Бугарија, кои се однесуваат на постоењето на македонскиот народ, македонскиот јазик и она што се случува во Украина и Молдавија?

-Фактот што од Македонија беше побарано да го смени името на својата земја и да ја негира својата историја во замена за членство во ЕУ, е апсолутно ужасен. Всушност, видовме дека процесот на пристапување се користи за мешање во суверената политика и одлучувањето на суверените земји што моментално се надвор од ЕУ. Наместо да бара меѓусебно почитување и соработка меѓу еднаквите, ЕУ ја искористи својата позиција за да се обиде да ги одвои земјите-кандидати од Русија и да бара многу неолиберални реформи, што значи дека индустријата и благосостојбата на граѓаните им се предадени на приватната индустрија и на неолибералните корпорации, што значи дека интересите на луѓето се занемарени.

Видовме дека Украина и Молдавија се приоритетни пред Грузија, иако Грузија очигледно многу повеќе ги исполнува условите од тие две земји, но тие беа турнати напред од геополитички причини за да се ескалираат тензиите со Русија, да се внесат во „нашата банда“, што не им носи никаква корист за луѓето од тие земји. Тоа само ги користи како алатка за пробивање за да ги постигне целите на НАТО или на Империјата – рече Дели.