Доцни предлог Буџетот на Град Скопје. Арсовска со месеци не доаѓа на седниците

Предлог Буџетот на Град Скопје се уште не бил доставен пред Советниците, открива претседателот на Советот.
-Јас сакам на најдобар начин да си ја вршам функцијата, сум сретнал во животот и сум се соочил со многу карактери. Она што може да се види од надвор е дека Советот на Град Скопјe и Град Скопје има проблеми во функционирањето затоа што градоначалничката воопшто не сака да комуницира со Советот на Град Скопје, истакна претседател на Советот во Град Скопје, Трајко Славески.
Славески во текот на своето гостување во Радио Лидер истакна дека вчера бил последен рок за доставување на предлог буџетот на Град Скопје за 2024 година, но сѐ уште не бил доставен и дека ниту една советничка група во Град Скопје не била консултирана во врска со буџетот.
– Вчера измина последниот законски рок за доставување на буџет или предлог буџет на Град Скопје за 2024 година, во ред, беше недела и очекуваме од службите да го добиеме денес. Слушам поплаки од сите советнички групи дека никој не е за ништо консултиран, нема никаков инклузивен процес, нешто што е невидено во досегашната практика на моите информации на функционирање на Град Скопје и на другите општини на Република Македонија кои со месеци ги инволвираат самите советници за да може и тие да придонесат во креирањето на буџетот, а тие се оние кои треба да дигнат рака и да ги изгласаат буџетот – потенцираше тој.
Славески посочи дека Арсовска веќе осум месеци не доаѓа на седници за поставување на советнички прашања и советниците не сакаат седници без нејзино присуство затоа што сакаат директно да и постават прашања кои се на граѓаните на Скопје.
– Мене ми беше првенствено да функционира советот и тој функционира, сите седници се завршени, донесени се стотици одлуки по кои што треба да постапува или градоначалник или службите на Град Скопје во интерес на граѓаните. Има само 2-3 незавршени седници, прекинати затоа што Арсовска веќе осум месеци веќе не доаѓа на поставување советнички прашања и советниците не сакаат да тераат седници без нејзино присуство затоа што директно сакаат да и постават прашања кои што не се нивни туку се прашања на скопјани, додаде Славески.