Декларација за поддршка на Украина во Собранието

Комисијата за надворешни ќе одржи седница на која се очекува заеднички да се усвои декларација за поддршка на територијалниот интегритет и суверенитет на Република Украина.

Пратениците од владејачката ЛДП веќе доставиле до претседателот на Собранието Талат Џафери предлог-текст на декларацијата, а таков документ најави и опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

И претседателот на Комисијата Антонио Милошоски и пратеничката Моника Зајкова од ЛДП се уверени дека пратениците заеднички ќе се усогласат за текстот на декларацијата. Речиси сите парламентарни партии вчера потврдија дека ќе застанат зад декларација за Украина, но од СДСМ и ДУИ не добивме одговор дали ќе гласаат за документот.

Предлогот на ЛДП е именуван „Декларација на Собранието за осуда на политиките што го доведуваат во прашање постоењето на европските држави и поддршка на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина.

Во декларацијата се вели дека рускиот напад врз Украина претставува еклатантно кршење на меѓународното право што не може да се оправда со ништо. Се критикува актот на агресија на Русија под параванот дека политиките на Украина претставуваат „закана за безбедноста на руската држава и народ“.