Чешка аналитичарка откривa: ЕУ членките не биле консултирани за францускиот предлог

На Чешка не ѝ е сеедно што Макрон за предлогот кој треба да го крене бугарското вето се консултирал само со Бугарија, а не и со останатите земји членки.

Ова го изнесе чешката аналитичарка од Институт Еуропеум, Јана Јузова, на вчерашниот форум посветен на Западен Балкан а организиран од ЕПИ.

Повикувајќи се на извори од чешкото МНР, Јузова истакна дека и Чешка, како следен претседавач со Европската Унија не знаела ништо за содржината на документот, пред да биде официјално претставен.

„Чешка е многу вознемирена со Франција и Бугарија. Причината е што за предлогот не беа консултирани другите земји членки. Од она што го разбравме била консултирана само Бугарија, а останатите земји биле оставени во „темнина“. Никој не ја следи состојбата во Македонија со спокојство. Загрижена сум каква ситуација ние како ЕУ креираме со овој приод. Чешкиот став кон ова би бил да направи што помала можна штета за да ги надмине негативните ефекти, и да осигура дека ова нема да стане преседан.“, вели Јана Јузова, истражувачка од чешкиот институт Еуропеум.

По се погласните најави дека Албанија може наскоро да тргне сама во преговорите, ако Македонија не го одобри предлогот, Јузова вели дека позицијата на официјална Прага е дека нема намера да прифати одвојување на Скопје и Тирана.

„Позицијата на Чешка е дека раздвојувањето (Македонија и Албанија) само ќе му даде легитимитет на бугарското вето. Не се согласуваме со аргументите на некои други земји кои сметаат дека неодвојувањето на двете земји и натамошната блокада на Албанија ќе доведе до го дестабилизација. Напротив, сметаме дека ќе го зголеми притисокот врз Бугарија и ќе ја зголеми солидарноста меѓу земјите во регионот.“Јана Јузова, истражувачка од чешкиот институт Еуропеум.