Червар за ЕП во ракомет: Искрено, ја поддржувам мојата втора татковина Македонија!

Трофејниот хрватски ракометен стручњак Лино Червар, кој покрај хрватското има и македонско државјанство, на претстојното Европско првенство во Унгарија и во Словачка ќе навива за неговата втора татковина Македонија.

„Искрено, ја поддржувам мојата втора татковина Македонија! Мораме да бидеме објективни, Македонија поминува низ промени и се менуваат генерации. Тимот го предводи Кирил Лазаров, најголемата легенда во земјата. Го сакам и го почитувам Киро, работевме заедно. Секој мора да го следи неговиот пример. Тој е голем човек кој води сметка за сè, блазе си им на оние играчи кои ќе имаат можност да работат со него, тие се среќни луѓе! Тој е вистински идол, вистински ракометар, вистински пример како еден спортист треба да игра и како еден човек треба да се однесува надвор од теренот. Иако рано влезе во тренерските води, мислам дека има голем квалитет и оти ќе го покаже тоа. Лазаров е гладен за победи и како тренер, и како играч.

Очекувам голема неизвесност. Никому нема да му биде лесно да ја добие Македонија. Ни на Словенија, ни на Црна Гора, ни на Данска, која еднаш веќе загуби од Македонија во квалификациите“, изјави поранешниот македонски селектор и екстренер на Металург за порталот „Моцарт спорт“.