ВИДЕО: Бочварски се фали со патиштата, возачите нервозно свират

Од едната страна свирежи од другата страна фалби. Предизборната офанзива на Бочварски и Џафери во сенка на нервозните возачи кои попатно свиреа додека функционерите се самофалеа со новиот рехабилитиран пат на влезот на Скопје. Од видеото што го објави ТВ Алфа може да се забележи нервозата кај народот кој мака мачи да вози по патиштата со дупки.

Да се слушаат фалби за вложување милијарди во инфраструктурата не е лесно, кога ги знаеме какви ни се македонските автопати. Но во очите на Благој Бочварски власта овозможила добра патна инфраструктура. По се изгледа, неговата перцепција е таква оти функционерите се возат во удобни и скапи возила. Дупките по патиштата многу повеќе се чувствуваат ако возите постар модел на автомобил.

Македонија повеќе од една една деценија го чека автопатот Кичево-Охрид, на „Бехтел и Енка“ им дадовме 250 милиони евра но во една година нема ниту метар асфалт, два километри од Скопје до Блаце се градат со години, проектот е проценет на 18 милиони евра по километар. Во замена за нов автопат, до границата со Косово се вози по рехабилитираниот патен правец за кој се платија 3,8 милиони евра. Техничките функционери и директорот на Државни патишта денеска повторно се прошетаа, овој пат на рехабилитирана делница Катланово – Петровец.

„Во однос на овој проект, комплетната рехабилитација на левиот и десниот коловоз на автопатската делница Катланово – Петровец го завршуваме и многу набрзо граѓаните и сите оние туристи кои минуваат по оваа траса ќе возат по високо квалитетен автопат. Оваа пролет завршуваме и со рехабилитацијата на делницата Демир Капија – Неготино, со што Коридорот 10 во полн капацитет ќе биде ставен во функција. Особено сакам да истакнам дека Коридорот 10 ќе биде надграден и со Интелегентен транспортен систем, во прва фаза од Велес кон Гевгелија, а потоа и втора фаза од кон граничниот премин Табановце“, изјави Бочварски.

За Бочварски овие активности не биле со цел да се додворуваат на граѓаните во предизборие, туку тие постојано биле на терен бидејќи во Македонија се градело многу. А Џафери свирежите од автомобилите и камионите не ги доживеа како нешто лошо, а низ смеа рече – возачите само сакале да пратат поздрав.

Делницата Петровец-Катланово се реконструира четири години. Во ноември минатата година беше пуштена во употреба едната лента. Лани во април екс премиерот кој беше на увид рече дека ќе се забрза динамиката, а сега, според новите најави од министерот за транспорт – активностите ќе завршат многу скоро.