Министерот за внатрешни работи на Бугарија, Иван Демерџиев, најави дека неговото министерстви ќе ѝ подари три генератора за струја на Македонија за граничните пунктови на Деве Баир, Делчево и Ново Село, за да нема изговор за запирањето Бугари на граница.

„За РС Македонија да нема слични проблеми и во иднина тоа да не биде причина за таков начин на работа на пунктовите, што го попречува слободното движење на луѓето, а тие сакаат да влезат во Европа, каде што слободното движење на луѓето е еден од принципите, наредив да се подготват три генератори. Тешко дека тоа ќе ги реши сите проблеми, но се надевам дека ќе им покаже на властите во РС Македонија дека кога човек сака да направи нешто, тој наоѓа начин, а кога не сака, бара изговор“, изјави тој, истакнувајќи дека при отворањето на македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград во октомври тие се однесувале целосно спротивно.

„На сите гости од РС Македонија им беше дозволено да положат цвеќе, да се движат каде што сакаат, дури и ги придружувавме за да нема проблеми. Ако сакаат да врват таму каде што декларираат дека тргнале, тие треба да следат слична линија на однесување, а не таа што ја демонстрираа денеска. Се надевам дека во наредните денови ќе најдеме начин да не продолжат по патот по кој моментално се тетерават“, додаде Демерџиев, кој денеска со уште двајца колеги од бугарската влада положија венци пред меморијалот „Делчевиот род“ во Благоевград и присуствуваа на молебенот во црквата за 151-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев.