Американскиот претседател Џо Бајден вчера од Белата куќа предупреди дека откажувањето на финансиската помош за Украина може да доведе до криза во балканските земји.

„Ако ние заминеме и Русија го издржи нивниот напад и ја победи Украина, што мислите дека ќе се случи во балканските земји? Што мислите дека ќе се случи од Полска до Унгарија?  праша Бајден.

Највисоките соработници на Бајден отворено кажаа дека ако Конгресот наскоро не одобри дополнителна воена помош за Украина, Русија би можела да ја добие војната за неколку недели – во најдобар случај со месеци, пишува Ен-би-си њуз

Советникот за национална безбедност Џејк Саливан и директорката на Националното разузнавање Аврил Хејнс велат дека не е случајно што Путин го изврши најголемиот воздушен напад од почетокот на инвазијата на Украина, откако Конгресот не одобри повеќе помош минатиот месец.

Белата куќа на 27 декември објави намалување на количината на оружје и воена опрема за Украина.

САД се најголемиот снабдувач на Украина со воена помош. Но, конгресните републиканци задржуваат десетици милијарди долари во идното воено финансирање за Киев. Додека Конгресот не го одобри, нема да има дополнителна поддршка.

Конгресот одобри повеќе од 110 милијарди долари помош за Киев од почетокот на руската инвазија, но не одобри никакви средства откако републиканците ја презедоа контролата врз Претставничкиот дом во јануари 2023 година.