Српска политичарка и македонска снаа против техничка влада како во Македонија: Тоа е симбол за хронична политичка криза (ВИДЕО)

Милица Ѓурѓевиќ Стаменковски, лидерка на српската вонпарламентарна партија Заветници и поранешна пратеничка, го критикува барањето од опозицијата во Србија за воведување техничка влада за спроведување избори по урнек на таа во Македонија.

„Гледајте до каде оди тоа лудило. Баравте да се поместат изборите за да бидат спроведени препораките од ОДИХР. Потоа излегувате со нови барања и велите: ‘Не, не, сега тоа не ни е доволно. Сега бараме преодна влада и македонско сценарио’. Македонија – тоа се наши браќа таму и ние знаеме како таа држава и тој народ страда. Но, тоа е симбол на хронична политичка криза. И замислете, кога вие не сте се сетиле на ништо подобро, туку во Србија да се повикувате на сценарио што е симбол за хронична политичка криза. Како тие (опозицијата – н.з.) ја гледаат Србија? Како политички дисфункционална држава како што е денес Македонија, каде што не се знае ни кој пие ни кој плаќа, каде што константно постојат тензии, каде што не се знае по кој клуч се избираат политичките претставници. Значи, земја што си го промени името, на која тогаш на референдумот ѝ беше ветено членство во Европската унија поради промената на името, се сеќавате како гласеше прашањето. Не умри магаре до зелена трева! Одрекни се од државата. Значи, прво дезинтегрирај се за да те интегрираме“, изјави таа во дебата на ТВ Танјуг.

Ѓурѓевиќ Стаменковски е политолог и сопруга на Стефан Стаменковски, основач и претседател на Заветници пред неа, чии родители потекнуваат од Крива Паланка, од кадешто меѓу двете светски војни се доселиле во околината на Белград. Милица пред две години беше и кандидат за претседател на Србија.