Ристова – Астеруд: СДСМ со “пекол ќе плати“, Зекири да си даде оставка

Некогашната претседателка на социјалдемократската младина на Македонија и пратеник од СДСМ во Собранието Каролина Ристова Астеруд отвори сериозна дебата за идеолошката матрица на владеачката партија по анатемата која што на хомосексуалците и другите припадници на ЛГБТ заедницата ја фрли потпретседателот на партијата Мухамед Зекири.

Ристова Астеруд се чуди на изјавата на СДСМ дека не го дели ставот на Мухамед Зекири за хомосексуалноста, кој е елабориран со поткрепa од религиозни книги, од Куранот?

„Збориме за оној Зекири кој, онака најслучајно, стана тазе и инстант потпретседател и пратеник на партијата СДСМ? По ваквата реакција од партијата, човек да се запраша дали СДСМ ги дели „сам со себе,“ не пак да ги брани од противниците и отворените непријатели, своите политички вредности, својата идеологија, својот статут и програмски документи, значи, се она што ја прави смисловна и функционална нејзината партиско-политичка егзистенција, зачленувањето во неа, симпатизерството кон неа, гласањето за неа? А сето тоа во нашиот уставен поредок, во нашиот правно-политички систем, кој, онака де, како „кежуал став“ и „споредна поента“ е заснован на секуларизам и почитување на основните граѓански и човекови слободи и права“?, прашува Ристова на Фејсбук.

Таа смета дека со позициите на Зекири се кршат истите оние уставни вредности за кои што, онака патемно, сите носители на врвните државни функции се заколнати да ги промовираат, почитуваат и штитат?  Инаку, да, секако, Зекири има/л слобода на говор, и право да си го каже ваквиот свој став и вредносни ориентации, особено во однос на хомосексуалните бракови. Ама, тоа и така завршува приказната кога станува збор за „граѓанинот Зекири“, како и во однос на правните аспекти за неговата слобода на говор да си кажува, па и треска ставови, па и оние по неговите религиозни убедувања. Што се однесува до „политичарот Зекири“ и „пратеникот Зекири“ не се баш исти правилата на игра и последиците, особено политичките и партиско-политичките“, вели професорката на правниот факултет во СКопје.

Ристова Астеруд од Зекири бара ако има некаква доблест, наместо сега да „плаче“ дека има/ло бурни реакции на осуда и неодобрување за неговите ставови, по истата таа слобода на говор, наместо да се прави „глупи Август“ во однос на реакциите  да си поднесе ОСТАВКА, и од пратеничката функција, и од партиската функција, како и од партиското членство во СДСМ!.

Таа не верува дека Зекири има доблест да го стори тоа затоа што ако бил доблесен не би се пикнал во партија како СДСМ, туку, на пример, во Беса и слични политички сили, со кои, предвидува дека Македонија ќе има сериозни проблеми.

Во тој сучај од нејзината партија бара да го РАЗРЕШИ И ИСКЛУЧИ затоа што  СДСМ не треба да глуми „корисен идиот“ за некој кој очигледно нема блага врска со идеологијата и политичката агенда на СДСМ, туку ќе да има повеќе афинитети кон идеологијата на политичкиот ислам и теократијата.

Според Ристова Атеруд Зекири ќе треба да се информира повеќе за европската историја и сегашност, наместо да си прави збунки или инспирира од историското каскање на други геополитички региони, или пак да се занесува дека ќе го врати тркалото на историјата наназад само затоа што ” Куранот” бил отсутен, не учествувал во тие процеси на градење на модерна Европа , па си доцни со лекциите.

Однесувањето на Зекири според Ристова Астеруд е антитеза не само на социјалдемократијата, туку на сите други современи, легални и легитимни европски идеологии, како и антитеза на самиот уставен поредок. И овде, и во цела Европа, баш на ист начин како што беа и се антитеза нацизмот и фашизмот.

Таа се надева дека СДСМ не планира да се „дружи“ и „кокетира„ со типови од тој и таков политички спектар , да ги охрабрува, да им овозможи да ја користат, ни помалку, ни повеќе, партиската, политичката и државната машинерија за таквите свои цели, за легитимирање и собирање приврзаници на таквите свои „ставови„, „вредности“ и „агенди“ меѓу граѓанството.

Ристова – Астеруд која го тргнала Зекири од нејзината листа на пријатели предупредува дека кокетирањето со агенди како оваа на Зекири  СДСМ може да го плати со „Пекол“.