Курти вчера во Софија, остварува „сојуз на Албанците со Бугарите“, а Бугарија „мисија“ за бугаризирање и на Македонците од Косово!

Косовскиот премиер и лидер на косовската владејачка партија Ветвендосје (Самоопределување) Албин Курти синоќа беше пречекан од највисоките државни лидери на Бугарија.“објави весникот „Бота сот“ од Приштина. Дали и каков став ќе заземе новата Влада на Македонија по одржувањето на изборите околу „сојузот на Албанците со Бугарите“, кој „сеалбанскиот премиер“ и шеф на Ветвендосје Албин Курти го гради веќе 6 години, а кој сега и активно се вмеша во изборите во Македонија? Еднакво актуелно и приоритетно ќе биде за решавање и прашањето: дали и каков став ќе заземе новата Влада на Македонија во врска и со „мисијата на Бугарија“ за „барање Бугари“ меѓу Македонците, но не само во Косово, туку и во Албанија и Македонија, заради нивно асимилирање и бугаризирање?

Бота сот“ пишува: „Курти ги објави на својот фејсбук-профил деталите за неговата прва посета вчера, на 22 април 2024 година на Софија. ‘За добрите односи меѓу нашите земји, за предизвиците и можностите, но и за обостраните односи и регионалната соработка, разговарав со вршителот на должноста премиер на Бугарија Димитар Главчев, со кого се сретнав првпат, како и со претседателот на државата Румен Радев, четири месеци по разговорот во Приштина. Во поздравната реч на отворањето на Виенскиот економски форум, кој се одржа во Софија под мотото ‘Продолжување на градењето мостови во тешки времиња’, ја нагласив важноста на добрососедските односи и регионалната соработка.’ – напиша Курти на фејсбук.“

Инаку, на 23 декември лани Албин Курти имал во Приштина средба и разговор со бугарскиот претседател Румен Радев, кому ова му била прва официјална посета на Косово. Истиот ден информативниот портал на албански јазик од Скопје „Алмакос“ имаше напишано: „Курти нагласи дека ‘нашите две земји и нашите два народа имаат заедничка историја и заедничка иднина во ЕУ’. Радев истакна: ‘Ние сме дојдени овде со јасна мисија: да ги продлабочиме нашето пријателство и односи во сите можни области од заеднички интерес.“

При таа прва посета во Косово Радев побарал од Албин Курти и Вјоса Османи: „Имате 15 илјади граѓани со бугарска самосвест, да ги признаете како бугарска заедница!“ Во врска со „мисијата на Бугарија“ во Косово на 25 декември 2023 година информативниот портал „МКД.мк“ од Скопје изнесе: „Радев е во потрага по Бугари и во Косово. На средбата со неговата колешка Вјоса Османи разговарал за бугарската заедница во Косово. Радев потсетил дека во јануари 2023 година била поднесена петиција до косовскиот парламент со барање Бугарите да бидат признати како независна заедница.“

„Османи ветила дека претстојниот попис на населението во Косово ќе биде објективен и оти бугарската заедница во Косово ќе биде призната како национално малцинство, со можност слободно да го изучува својот мајчин јазик, да го изразува слободно својот идентитет и да ги чува и да ги развива своите културни традиции. ‘Сето тоа што го правите за развивањето на нашето бугарско малцинство тука на  Косово, за заштитата на правата на нашите сонародници, е приоритет за бугарската држава и мој личен приоритет како претседател на Бугарија.“ – порачал Радев на 25 декември 2023 година од Косово.

Во статијата под наслов „Албин Курти: Бугарија е близок сојузник на Косово“, која ја објави на 22 февруари 2021 година на својот интернет-портал на англиски јазик, Бугарското национално радио имаше нагласено: „Бугарија и Косово имаат заеднички цели и интереси’ – изјави за Бугарската телеграфска агенција (БТА) Албин Курти, лидерот на Ветвендосје. Курти ја опиша Бугарија како близок сојузник на Косово.

Албин Курти во својство на лидер на партијата Ветвендосје, која сега во оваа 2024 година директно се вмеша на изборите во Македонија, се заложил уште на 29 септември 2018 година за „сојуз на Албанците со Бугарите“. Во информацијата објавена на тој ден пред шест години со наслов „Нејасен предлогот на Курти за сојуз со Бугарите“ информативниот портал на албански јазик „Телеграфи“ од Косово, истакна: „Претседателот на Ветевендосје Албин Курти денеска посочи во Приштина дека Косово треба да создаде балкански сојуз, вклучувајќи ја и Бугарија. Тој претходно не спомена таков сојуз, а во овој говор не појасни во кој контекст треба да се направи такво нешто и зошто е неопходно Косово да има сојуз со Бугарите.“

„Мораме да создадеме колку е можно поголема соработка со другите народи и држави, секогаш гледајќи го нашиот државен процес. Мора да направиме балкански сојуз со Хрватите и Бугарите, со Сараево, Подгорица и Скопје…“ – рече Курти во својот говор во Приштина на 29 септември 2018 година.“