Коцарев: Прифаќајќи ги договорите со Грција и Бугарија политичарите ја убија духовно Македонија, затоа треба да заминат во историјата!

„Договорите со Грција и со Бугарија и Преговарачката рамка се најнеправедните документи што некогаш, со посредство на меѓународната заедница, воопшто биле предложени. Прифаќајќи ги нив, прифаќајќи ја неправдата, македонските политичари извршија убиство врз Македонија: засега само духовно и културно, но крајот – физичкото убиство е на дофат. Ние ќе се почитуваме себеси само, ако одговорните за македонскиот културен геноцид засекогаш заминат во политичката историја!“ – вели академик Љупчо Коцарев, член на Македонската академија на науки и уметности, во својата колумна со наслов „Вистина и правда“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

Покрај другото, Коцарев натаму пишува: Во изминатите шест години, од 2018 година, македонските владејачки челници, вклучувајќи го и претседателот на Македонија, бесрамно лажеа и манипулираа. Тие ги уриваа темелите на државата, а не донесуваа државнички одлуки. Примерите за нивните бесрамни манипулации и лаги се многубројни.  

Нашите политичари не веруваат дека духовно и културно ја убиваат Македонија. Тие веруваат дека имаат право да го сторат тоа. Убедени се во исправноста на своите одлуки. Не разбираат, или не сакаат да разберат, што претставува духовното и културно опстојување. Но, македонските политичари немаат право духовно и културно да ја разнебитат Македонија – ни вчера, ни денес, а најмалку утре!

Не е за верување: тие што предадоа и продадоа сè што е македонско, бараат наша поддршка! Од оружјето за борба против денешниве бесрамни владејачки манипулатори и лажговци, против моќните светски угнетувачи и управители на нашите животи, против духовите на злобата, ние ги имаме само вистината и правдата за Македонија.

Во „Понижени и навредени“, Достоевски ќе рече: „Ако сакате да бидете почитувани од страна на другите, првенствена работа е да се почитувате себеси – на тој начин, со самопочит, ќе ги принудите другите да ве почитуваат“. Ние ќе се почитуваме себеси само ако тие – одговорните за македонскиот културен геноцид, еднаш и засекогаш заминат во политичката историја!