Заев и „било каквите проблеми“ – Пишува Горан Момироски

Во својата последна изјава за новинарите премиерот Заев најави дека доколку претседателот Иванов не го потпише законот за јазиците кој според него е последна правна обврска од Охридскиот договор Македонија ќе се соочи со проблеми.

„Со непотпишувањето на законот од страна на претседателот Иванов се создаваат можности за било какви проблеми во Република Македонија“, изјави вчера премиерот.

Тој не прецизира што точно значи “било какви проблеми” но логиката овие денови вели дека тој зборува за напуштање на ДУИ на владата, за блокада на Собранието, на нови меѓуетнички тензии, за незадоволство и протести на Албанците и други порадикални состојби.

За песимистите дел од проблемите за кои зборува Заев може да биде и прогласување на “Илирида” од страна на албанското малцинство во Македонија.

За опасноста од ова сценарио подолго време во неформални разговори зборуваат и видни Албанци но и дел од владеачките функционери.

Доколку премиерот кој постојано инсистира на транаспарентност знае кои се тие “било какви проблеми” за да спречи вакви шпекулации истите треба да ги подели со јавноста.

Ако тоа не е можно за да не се создава паника а службите под негова контрола имаат информации за воени и други безбедносни и политички закани тоа во најмала рака треба да го знае и претседателот, и опозицијата и останатите инситуции.

Доколку навистина постојат закани по безбедноста и стабилноста на што индиректно имплицира Заев во изјавата тој мора да побара од претседателот да биде свикан и Советот за безбедност за да се преземат мерки за превенирање на сериозни предизвици.

Затоа што премиерот како главна политичка фигура во земјава сигурно не зборува за пад на берзата или за цената на “ајварката” туку за сериозни проблеми од кои зависи стабилноста и безбедноста на државата.

Ако пак премиерот само така случајно во жарот на политичката битка споменал “било какви проблеми” тогаш истото треба да го објасни пред јавноста за истата да не се тревожи дека без потпис законот за јазици од страна на Иванов на Македонија и се закануваат инциденти или не дај боже војна.