Да не ни се повтори Кондово од 2000 и Арачиново и Чаир во 2008

Вжештената предизборна атмосфера во која имаше жестоки обвинувања, едно лице кандидат за носител на советничка листа почина, еден беше нападнат со секира и шипки, а изборниот молк започна со инциденти, не смее да има крвава завршница на изборниот ден.

Се освен мирни и фер избори кои што поразените ќе ги прифатат резултатите ќе биде национална катастрофа за Македонија.

Евентуални инциденти во кои ќе биде користено огнено или било какво друго оружје ќе биде вовед во продолжена политичка криза која што лесно може да стане и безбедносна.

Посебен проблем е влезот во ЕУ и НАТО.

Доколку на Македонија и се случат сериозни инциденти во кои би имало жртви ќе значи дефинитивен крај за надежите дека може да добиеме позитивен извештај од ЕУ и почеток на преговори за влез во ЕУ.

Фер и демократски избори кои што ќе бидат мирни се апсолутен предуслов за продолжување на блокираниот пат кон ЕУ и НАТО. Во случај на проблематични избори на Грција ќе и се даде можност за алиби за нова блокада.

Атина секако во последниве години секогаш кога се разговараше за почеток на преговори не го користеше аргументот на нерешеното име туку политичката криза и нестабилност во Македонија.

Нови инциденти со загинати и ранети ќе значи дека Атина само ќе ги потврди нејзините тези дека не сме демократија подготвена за влез во евроатланското семјество.

Првото убиство во Македонија на ден на избори се случи во далечната 2000-та година, кога на тогашните локални избори имаше претстрелки на повеќе изборни места а во  скопското село Кондово  беа ранети три лица.

Еден од ранетите, Фатмир Јакупи подоцна почина. Осомничените за убиството кои подоцна беа осудени на затворски казни, беа активисти на тогаш владеачката Демократската партија на Албанците.

Второто убиство за време на избори во Македонија се случи во скопското село Арачиново  за време на вонредните парламентарни избори во 2008 година во јуни.

На тие избори пукотници и ранети лица имаше и во други делови од Скопје, во Чаир и  во Бутел а во Арачиново во престрелка со „Алфите“ загина Насер Ајвази.

Приведени беа над 150 лица а на Македонија во извештаите на ОБСЕ – ОДИХР беше посочена како земја со почетно ниво на изборна демократија.

Слично ќе биде и сега. Секој и најмал инцидент ќе значи оддалечување од стратешките цели на земјата кои според сите партии се влез во НАТО и ЕУ.