Време е граѓанска Македонија да ги победи сеништата на моноетничките проекти

Кој повторно го загрозува мирот на граѓаните на Македонија и се заканува со етнички војни? Над триесет години досието врзано со „Илирида“ останува голема мистерија, но и натаму „воскреснува“ и се „повампирува“ при критични моменти за македонската политика или кога на некој албански лидер или на некоја албанска политичка партија во Македонија им претстои заминување во опозиција. За жал, Илирида повторно ја видовме, иако за волја на вистината не беше спомената, на онаа симулација од Собранието, предводено од Али Ахмети, каде што се менуваше Уставот и се избираа органи на власта. Како поинаку, освен како закана од активирање на идејата Илирида, да се протолкува свикувањето на моноетничко собрание, тотално вонинституционално и надвор од секој здрава памет?
Референдумот на Албанците во Македонија за политичка, територијална или културна автономија се одржа на 11 и 12 јануари 1992 година. Во датумите што потоа следуваа, Мерсим Положани, тогаш виден лидер на ПДП, ја прогласи „Илирида“, но истовремено и ги замрзна сите активности за нејзина де факто реализација. Во тоа епоха, кусо време постоеше и едно координативно тело што се нарекуваше „Совет на албанските партии“ како чадор-организација за партиите на етничките Албанци од Косово, Македонија, Србија (Прешевската Долина) и од Црна Гора, а тој Совет издаде соопштение дека идејата за „Илирида“ ќе се активира доколку пропаднат обидите за решавање на проблемите на Албанците во Македонија по демократски пат. Нормално, медиумите на македонски јазик, другите политички партии во Македонија и институциите на македонската држава го прогласија овој референдум за нелегален и нелегитимен.
Тука некаде заврши целата приказна. Идејата, пак, остана да виси како Дамоклов меч над младата македонска демократија. Една слична идеја, пак, идејата за Република Српска беше прогласена на 9 јануари 1992 година, исто така, замрзната до прогласувањето на босанската независност (Република Српска стана реалност на 26 март 1992 година). Денес, Република Српска е реалност, а Илирида е (сè уште) дел од историјата. Иако, знаејќи го Балканот мошне брзо идеите од буништето на историјата испливуваат во реалната политика. Овој пат знае да биде мошне краток.
Цели петнаесет години потоа целото досие врзано со „Илирида“ останува една голема нерасчистена епизода од современата македонска историја.

Кој го организираше референдумот и кој го спроведе? За кое прашање (или прашања) се изјаснуваа граѓаните што гласаа на овој референдум? Кои тела го спроведуваа референдумот? Кое тело (институција) му даде мандат на Мерсим Положани да ја прогласи „Илирида“? Кои беа конститутивните акти на овој ентитет? Што значеше идејата за автономија? До кога или со што е замрзната идејата за „Илирида“? Која беше врската меѓу овој референдум и Декларацијата на ПДП-НДП поднесена во Собранието во 1991 година? Дали постои врска помеѓу овој концепт и конфликтот во 2001 година и така натаму… Сепак, овој датум останува во хронологијата и во релевантните публикации за политичката и уставната историја на Република Македонија. Типично за многу настани во изминативе години македонска независност, по иницијалната експлозија во јавноста следуваше голема тишина. Потоа „прокламаторот“ Мерсим Положани стана заменик-министер за правда во една од македонските влади, а неговото име се влечеше и низ некои коруптивни афери (тој ни откри дека „сопруга не е род“ кога беше обвинет за непотизам, односно дека ја злоупотребил функцијата за да ѝ помогне на сопругата или на нејзиното семејство). Што е уште потипично за Балканот и во стручната и во политичката јавност многу малку се знае за целиот случај. Не можете ништо да најдете на интернет (вредно за анализа и коментирање), публицистиката е уште позатворена, а и актерите на тие настани се веќе заминати во политичка пензија (барем оние најекспонираните). Граѓаните, пак, на Македонија, и Албанците, и сите други, сè уште се збунети за генезата и импликациите од овој чин. Можеме да го толкуваме овој настан како обид за создавање нова нација на Балканот, можеби станува збор за акт на протест против одбивањето значаен дел од барањата на политичките партии на Албанците при изработката на Уставот и другите конститутивни акти на Република Македонија (веќе споменатата Декларација на ПДП-НДП) или, пак, некоја инерција од сличните процеси што се одвиваа во другите југословенски републики.
Доколку се послужиме со аналогијата како метод во политичките науки, можеме да најдеме паралели меѓу „Илирида“ и Република Српска, Пале и Шипковица, ОНА и Војската на Република Српска. Се надевам само дека разврската на прашањето со Косово нема повторно да предизвика слични паралели помеѓу овие два проекта. Теоретичарите на заговорот сигурно имаат и други толкувања на целиот овој комплекс прашања. Нејсе, сметам дека цели триесет и кусур години по овој настан вреди да се повикаат актерите на овие настани за да ги објаснат случувањата поврзани со овој референдум, мотивите и претпоставените импликации од овие активности. Исто така, актерите им ги должат на македонската историографија и политичка наука, документите, записниците од состаноците, како и самата форма на референдумското ливче, за да имаме целосна слика за овој процес кога ќе се пишуваат овие поглавја на современата македонска историја.

Целата колумна на Ивица Боцевски за Нова Македонија на следниот линк:

Време е граѓанска Македонија да ги победи сеништата на моноетничките проекти