Бујар Османи ја уценува демократијата и заговара политички хаос

Ако е точно тоа што го вели претседателскиот кандидат Бујар Османи – дека нема да има влада без уставни промени – тоа значи дека тој и ДУИ брутално ги уценуваат изборниот процес и демократијата.

„Војниците“ на Али Ахмети сакаат да ни кажат дека имаат сериозна намера не само да останат на власт, туку и одлучно да го преземат кормилото. Без избори.

На ДУИ очигледно веќе не ѝ е потребен СДСМ за намерата да се да предизвикаат политичка криза по секоја цена.

Ќе се обиде да го сторат тоа дрско и безобразно.

Како и до сега? Не, ова сега ќе биде кулминација на подлоста.

Бујар Османи знае дека уставни промени секако нема да има пред да се формира новата македонска влада. СДСМ не може да обезбеди двотретинско мнозинство за сегашниот предлог на промената на Уставот заради внесување на Бугарите во Преамбулата, а ВМРО-ДПМНЕ бездруго нема да учествува во таа валкана работа.

Бујар Османи многу добро знае уште нешто – СДСМ ќе изгуби на овие избори. Извесно е дека поразот ќе биде тежок.

А знае несудениот „европски претседател“ и тоа дека ВМРО-ДПМНЕ сигурно нема да ја прифати неговата брутална уцена, ако Мицкоски воопшто помисли да прави влада со ДУИ.

Па што сака ДУИ тогаш?

Јасно е како бел ден – ДУИ сака да нема влада!

Сака целата извршна власт да ја приграби сегашната техничка влада на чело со Талат Џафери. На неодредено време.

Сака Бујар Османи да покаже дека општите и непосредни претседателски избори се бесмислени и дека мора да се прифати идејата на ДУИ шефот на државата да се избира во парламентот.

Со еден збор, ДУИ сака да предизвика политички хаос во Македонија.

Можеби и длабока меѓуетничка и безбедносна криза.

Ако молчењето на најважниот меѓународен пријател на оваа гарнитура на ДУИ значи и одобрување – за жал, најчесто е така – би можеле да заклучиме дека Бујар Османи својата брутална уцена ја координирал со Американците.

Или не е така?

Не знам, ќе видиме дали за ова ќе се огласат Калето и Стејт департментот. Ако навистина САД се нашиот најважен стратешки партнер, треба да се очекува брза и остра реакција на Вашингтон на уцената на Османи.

Она што сега го знаеме ние, обичните граѓани, е дека сето ова претседателскиот кандидат Стево Пендаровски и СДСМ ќе го одмолчат.

Нивната кампања се темели на демагошка реторика во стилот „извини душо, извини, за моју љубав не брини“, на оние непристојни и бедни напади на кандидатката Гордана Силјановска Давкова поради нејзиниот женски пол и поради возраста, како и на еден крајно задоцнет напад на патриотизам, кој се манифестира со впечатливото избегнување да се изговори придавката „северна“ на името Македонија (порано таа им беше како добро утро и добар ден) и со она комично преоткривање на македонски патриотски песни што ги мумлаат по митинзите.

Бујар Османи знае дека ваков конфузен и веќе поразен СДСМ не е партнер на кој ДУИ може да смета во иднина.

И затоа, во екот на кампањата, ДУИ ги отфрла сите сценарија за спас на актуелната владејачка коалиција (идејата „влада на национален спас“, на пример) и сега се концентрира на тоа да предизвика политички хаос.

Како да се одговори на овие уцени? Што треба да се прави?

Постои само еден начин да му се врзе една европска шлаканица на несудениот „европски претседател“ – на 24 април луѓето мора масовно да гласаат и тој ден навистина да биде празник на демократијата.

Само народот на Бујар Османи може да му покаже дека не сака поткопување на изборите, уцени и хаос.

Значи, вистински одговор на оваа уцена е масовна мобилизација на македонското избирачко тело. А тоа е проектна задача не само за ВМРО-ДПМНЕ, очекуваниот победник на изборите, туку и обврска на СДСМ.

Зошто и на СДСМ?

Затоа што крајно време е Пендаровски и Ковачевски да сфатат дека нивното партнерство со ДУИ е завршена приказна и дека ако ги прифатат уцените на Бујар Османи, тоа ќе значи дека и самите поддржуваат хаос. Треба да имаат на ум дека политичката криза – ако воопшто дојде до неа – на крајот сепак ќе заврши со нови избори. Е, бидејќи народот не е недоветен и знае да собере два со два, на тие нови избори повторно ќе го казни СДСМ. но тогаш многу, многу пожестоко.

Тогаш социјалдемократите нема да можат да се појават на очи на граѓаните и да им речат „извинете, грешевме, ќе се поправиме и во иднина ќе работиме ден и ноќ“.

Тогаш џабе ќе им се патриотските песни и папагалското повторување на Македонија без „северна“.

Тогаш СДСМ ќе се соочи со целосно маргинализирање на политичката сцена.

А тоа, да бидам јасен и гласен, не е добро за Македонија.

Ете затоа, мора да се сфати дека македонски стратешки национален интерес е уцените на ДУИ и на Бујар Османи да се отфрлат со индигнација.

Сега е моментот Македонците да се обединат во одбраната на изборниот процес и на демократијата.

По изборите бездруго ќе се поведе демократска политичка дебата за нов предлог на уставните измени, кој ќе го гарантира историскиот континуитет и идентитетот на носечкиот конституенс на оваа држава – македонската нација.

Македонците, Албанците и другите етнички заедници по изборите ќе останат посветени на европските интеграции. Но и на сочувување на достоинството на сите, кое единствено може да биде основа на заедништвото.

Формирањето на новата македонска влада после изборите треба да биде прв чекор во таа насока.

Тврдам дека тоа е можно, дека тоа е шанса што сите граѓани на Македонија мора да ја зграбат. Покрај и наспроти уцените на Бујар Османи.

Тоа ќе биде првиот голем чекор на победниците на овие избори. Еден вистински европски чекор од седум милји.

Оргиналната колумна на Бранко Героски на следниот линк:

Бујар Османи ја уценува демократијата и заговара политички хаос