Борисов не е Сталин да го признава Македонскиот јазик

Вечниот советник на сите бугарски претседатели и премиери освен на човекот што ја призна Македонија Жељу Желев, му порачува на премиерот Бојко Борисов да не го признава македонскиот јазик како посебен од бугарскиот.

Историчарот Божидар Димитров кој целата своја кариера работи на македонското прашање а извесен период од страна токму на Борисов беше поставен за директор на државната Агенција за Бугарите во дијаспората сега вели дека премиерот не смее да ја повтори грешката на Ѓеорги Димитров кој по налог на Сталин ја признал Македонската нација и македонскиот јазик.

Борисов може да ја признае македонската нација и јазик само во тоталитарна држава а Бугарија сега е демократска држава, смета историчарот кој вели дека во Македонија нема што да се признава затоа што од 2 милиони луѓе има 600 илјади Албанци, 200 илјади Роми (кои тој ги нарекува Цигани), 100 илјади Турци, 40 илјади Срби и 120 илјади Бугари. Диммитров не кажува што се останатите околу еден милион луѓе од неговата весела математика.

Според Димитров јазикот не може да го признае влада туку лингвистите и дека некои кругови во Скопје со очекувањата во „Договорот за добрососедство“ да се признае македонската нација и македонскиот јазик се премногу далеку од европските норми и правила.