Доколку стане официјален јазик, ќе треба да се учи во основните училишта. Тие учители што се во Македонија нема да бидат доволни, па ќе треба да увезете од Косово и од Албанија. Така ќе дојде до комплетна албанизација на целата територија на Македонија.

Со тој закон, албанскиот јазик треба да се прогласи за официјален на цела територија на Република Македонија. Ако се направи тоа, со Македонија е крај, вели академик Ѓорги Поп-Атанасов од Македонската академија на науките и уметностите, во опширно интервју за порталот „факултети.мк“.
„Го читав тој предлог-закон, тоа не е закон за јазици. Има 32 или 34 члена и секој член почнува со: „Јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од населението, јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од населението, јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто…“ Секој член почнува со таа реченица. Значи тоа е закон за албанскиот јазик“ вели академик Поп-Атанасов, теолог, изучувач на старословенската книжевност и на старите ракописи. Тој е постојан член на Одделението за лингвистика и литературна наука при Македонската академија на науките и уметностите, а тесна специјалност му се македонска црковна книжевност, библистика, херменевтика, црковна химнографија, хагиографија.

На забелешката дека законот е веќе во собраниска процедура иако и еврокомесарот Хан порача дека овој закон не е приоритет за интеграцијата на Македонија, Поп-Атанасов меѓу другото вели:

„Целта е нешто друго. Фактички, не само што се сака тој јазик да се наметне на целата територија на државата, туку се става и над македонскиот јазик. Зашто, во Законот за употреба на македонскиот јазик нема санкции за оној што не го зборува македонскиот јазик. А ние имаме политичар кој збор не кажал на македонски јазик. Како треба да го казнат него?

Целото интервју со академик Ѓорги Поп-Атанасов за „факултети.мк“ може да го прочитате тука.