Ефраим Зуроф, израелски историчар роден во САД и ловец на нацисти, нема дилема дека одговорноста за депортацијата на 7.144 Евреи од Македонија во концентрацискиот логор Треблинка, од кој ниту еден не се врати, ја имаат „бугарските окупатори“.
„Јас ја истражував ситуацијата, приказната со холокаустот во Македонија и знам многу добро кој е одговорен за депортацијата на Евреите од Битола, Штип и Скопје. 11.343 Евреи беа испратени во Треблинка, ниту еден не се врати. Луѓето кои се одговорни за тоа се бугарските окупатори. Тие ги извршија депортациите. Тие ја носат одговорноста за овој ужасен злостор. Во овој момент Бугарите, всушност, негираат дека имале каква било одговорност. Сега, ако некој треба да ги стави овие луѓе на судење, тоа е или Македонија, или Бугарија. Бугарија, очигледно, нема да соработува за ваква работа“, изјави Зуроф за ТВ Сител.
Иако не директно, човекот што одигра клучна улога во изведувањето пред лицето на правдата на нацистички и фашистички воени злосторници го негира тврдењето на Ангел Димитров, копретседател од бугарска страна на Мешовитата комисија со Македонија за историски и образовни прашања.
„Да се припишува вина на Бугарија за депортирањето на Евреите од територијата на денешна Република Северна Македонија е несериозно. Депортацијата се одвива по изрично настојување и под контрола на претставници на нацистичка Германија. Во тоа време Бугарија не ги владеела тие територии, туку само ги администрирала“, вели Димитров за државната Бугарска телеграфска агенција (БТА).