Синдикатот на вработените во државната управа и правосудството, УПОЗ, се огласи исто така по повлекувањето на одлуката на министерот за финансии Фатмир Бесими за зголемување на платите во ресорот Финансии за 30 проценти.
Нивната забелешка е дека исто така постои големо незадоволство од состојбата со платите и во Бирото за јавни набавки, кое е орган во состав на Министерството за финансии.
Како што е познато, преку ова биро се реализираат јавните набавки во земјава, преку која зделки прават државните и јавните институции, и кои можат да бидат извор на најголема корупција во државните канали.

„Платите на вработените во Бирото воопшто не се зголемени со години, ниту пак се овозможи исплата на додадоци на плата како што беше предвидено за министерствата минатата година, иако Владата постојано зборува дека борбата против корупцијата и е главен приориотет, при што јавните набавки имаат централно место во оваа заложба.
Зошто се дозволува слабеење на оваа важна институција кога знаеме дека низ системот на јавни набавки се трошат преку една милијарда евра јавни пари годишно? Законот му дава на Бирото бројни надлежности за контрола. Во што е работата на Бирото помалку сложена или помалку одговорна од другите чинители во управувањето со јавните финансии?
И оваа институција се соочува со истите ризици на одлив на стручен и искусен кадар сега кога земјата влезе во евроинтеграциските процеси. Да потсетиме дека Бирото прво го отвори билатералниот скрининг на земјава со Европската комисија и е носител на посебно поглавје во кластерот фундаменти, а вработените добија пофалби за ефикасноста и ефективноста со кои ги реализираа овие клучи активности.
Зошто никој не се сетил дека маргинализирањето на Бирото несомнено ќе ги ослабне капацитетите на државата да управува со системот на јавни набавки и ефективно да се бори против корупцијата? А неможноста правично да се вреднува трудот на вработените ќе доведе токму до тоа“, се вели во соопштението од УПОЗ.