Спласнува ли полека еуфоријата околу купувањето станови во земјава, како што тоа наголемо почна да се случува во Соединетите американски држави и Европа, а како процес срамежливо стартува и во Србија, е прашањето што се поставува, откако осамнаа најновите податоци од централната банка, а кое се однесува на одобрените и дадените станбени кредити во земјава, анализира Фактор. Имено, Народна банка на Македонија ги објави најновите бројки за април годинава, кои говорат дека иако има раст кај станбеното кредитирање, тоа е сепак малку забавено во однос на претходниот период.

Па така, во април во однос на еден месец претходно, односно март, кредитирањето на становите се зголемило за 0,5 проценти, додека, пак, ако гледаме како годишен раст, односно во април годинава во однос на април минатата година, кредитирањето е зголемено за 11,2 проценти.

Треба да се има предвид дека досега месечно растот на станбеното кредитирање беше по 1 отсто или 0,9 проценти, што значи дека сега станбеното кредитирање малку забавува. Сепак, високиот годишен раст од 11,2 проценти, говори дека овој тренд е далеку од стопиран, како и дека граѓаните се уште масовно купуваат станови, а банките во тие нивни вложувања сесрдно ги кредитираат.

Како што говорат бројките на НБМ, македонските граѓани, за земени станбени кредити, во моментов, односно на крајот на април, на деловните банки им должат вкупно 1,27 милијарди евра. Тоа е огромна сума, но ако се направи споредба со еден месец претходно, односно со март, тоа е месечен пораст на кредитирањето за нецели 7 милиони евра, што е извесно забавување на банкарското делење на станбените заеми, кога месечно надминуваше и по 10 милиони евра, а и далеку повисоки суми.

На крајот на минатата година, пак, станбените кредити дадени на граѓаните имале вкупен износ од 1,23 милијарди евра, односно за четири месеци имаме зголемување на станбените кредити за 32 милиони евра. Банките во земјава, бидејќи имаат доволно ликвидност, не престануваат со своите кампањи за поволни станбени кредити и подолгорочни фиксни каматни стапки, но не е извесно дали и граѓаните и натаму толку многу бараат да земат станбени кредити.

А дека полека се лади пазарот на недвижности во земјава, говорат и последните податоци на НБМ за цените на становите во првиот квартал од гопдинава. Имено, годишната стапка на раст, односно првиот квартал годинава во однос на истиот период лани, цените на становите пораснале за 18,8 отсто, што е исто така огромен пораст, но барем стапката е под 20 проценти, откако во третиот квартал лани беше 21,6 проценти, што беше најстрашен пораст, и 20,6 отсто во последниот квартал од минатата година.

Исто така, во првиот квартал од годинава е помала стапката на раст во однос на претходниот квартал, односно таа изнесува само 1,3 отсто, наспроти 4,8 и 4,7 отсто соодветно во претходните два квартали. Во домашните финансиски кругови едно време се заговараше дека можеби треба да се размислува да се заузда прекумерното станбено кредитирање, но банкарите сметаа дека нема пргревање и дека не се потребни интервенции.

Во некои земји во светот и Европа, пак, од пред неколку месеци почна да се намалува цената на недвижностите, па дури и да се зборува за опасност од криза во овој сектор, а за прв пат по неколку години повеќе земји имаат пад на цените на недвижностите отколку што има пораст на нив.