Владата во Софија, само 245 километри североисточно од Скопје, не се вклучи во дипломатската офанзива на западните политичари во Македонија кои покажуваат „колку се цени договорот со Грција“.

На само 10 дена пред судбоносното гласање во Македонија, ниедна официјална институција во Бугарија, вклучувајќи го и шефот на државата, Румен Радев, не објави дека планира посета на Скопје како поддршка на силите кои сакаат евроатлантска ориентација, пишува бугарски „Дневник“.

Од Министерството за надворешни работи за весникот изјавиле дека нема планирани посети на бугарските претставници во наредните 10 дена до референдумот, со кој жителите на Македонија ќе одлучат дали да го прифатат или да го отфрлат договорот со Грција. Истиот одговор стигнал  и од  кабинетот на претесдателот Румен Радев.

„Дневник“ оценува дека оваа прилично воздржана позиција е во спротивност со она што се случуваше пред три месеци кога „Бугарија – првата земја која подаде рака кон владата на Зоран Заев и го решила деценискиот проблем со Македонија – зборуваше за улогата што ја има Софија во евроинтеграциите на Западен Балкан“.

Аргументот дека сега „топката“ е во рацете на Австрија (претседавач со Советот на ЕУ), не држи, се вели во анализата.

Прашања кои остануваат отворени се дали е потребна посета на бугарски премиер, на претседател или на министер во Скопје, дали оваа воздржаност е планирана и дали е навистина најкорисна за бугарските интереси на Софија во оваа ситуација.