Разговараме со Катерина Златановска Попова на тема „Вештини за иднината“. Таа има повеќегодишно искуство како тренер и обучувач за меки вештини и воедно е сертифициран советник за развој на кариера.
Expres.mk: Светскиот Економски Форум на секои 2 години објавува листа на т.н. меки вештини кои ќе бидат „на цена“. Кои се новите промени и трендови во поглед на меките вештини кои ќе се очекува луѓето да ги поседуваат?
КЗП: Со почетокот на оваа година, излезе и новата листа на WEF која би ја протолкувала како тенденција во фокус да се стават вештините кои ги одвојуваат луѓето од вештачката интелигенција. Ако ја гледаме големата слика, развојот на технологијата и дополнително вештачката интелигенција, сѐ повеќе ќе ги загрозува традиционалните работни места бидејќи машините тоа ќе можат да го направат побрзо, потемелно, попрецизно, пооптимално и секако поекономично. Имајќи го ова на ум, клучно е секој од нас да гради вештини како што се аналитичко размислување, комплексното решавање на проблеми, креативност, оригиналност, емоционална интелигенција и сл. кои ќе бидат барани на пазарот на трудот, но и во животот воопшто, ако сакаме да останеме „во игра“.
Expres.mk: Велите дека машините ќе можат побрзо да анализираат и секако да дадат повеќе податоци, а веројатно и решенија за одреден проблем. Како луѓето можат да се натпреваруваат со ова?
КЗП: Токму усовршувањето на вештината за критичко размислување, неконвенционалното или „out of the box“ решавање на проблемите и креативноста засилени со емоционалната интелигенција која е уникатна особина само за нас луѓето се клучот, нашата конкурентска предност ако можам така да ги наречам овие вештини бидејќи тешко ќе бидат составен дел во скора иднина на вештачката интелигенција. Како изгледа тоа во пракса?
Замислете да имате одреден проблем или ситуација за која треба да најдете решение. Компјутерот ќе ви ги понуди сите достапни податоци и информации до кои има пристап и тоа секако ќе ви ја забрза постапката и ќе ви ја олесни за почеток. Но дали ќе го добиете и вистинското решение? Тука всушност доаѓаат до израз споменатите вештини кои ги наведов погоре, начинот на кој ќе ги изанализирате добиените информации, како ќе процените кои се бескорисни поради низа други фактори кои се пак во склад со емпатијата и социјалните потреби на другите или пак како со помош на вашата моќ за „out of the box“ неконвенционално размислување ќе креирате сосема ново решение кое може да биде комбинација од различните опции отворајќи нови погледи и пристапи. Токму така се раѓаат иновациите, новите пронајдоци и секако новите идеи кои засега им се својствени само на луѓето.
Expres.mk: Што е потребно за да се совладаат споменатите вештини?
КЗП: Кога еднаш ќе го отворите својот ум за постојано учење, впрочем тоа е и една од клучните вештини споменати на листата на WEF, ќе откриете дека во секој од нас се крие креативна личност, личност која може да размислува и да решава проблеми надвор од ограничувањата и да расудува критички. Добрата вест е што е потребно само малку желба, посветеност кон личниот развој и постојано вежбање на мозокот исто како што тоа го правите со своите мускули; колку почесто и повеќе го вежбате својот мозок толку полесно ќе ги совладувате и овие вештини ќе станат дел од вашиот начин на живеење и работење.