Зошто не и градоначалник: Албанците во Скопје да не се третираат како кираџии

Албански интелектуалец прашува зошто да не може и Албанец да биде градоначалник на Скопје?

Скендер Карачица, извршниот директор на Албанско – американската асоцијација на интелектуалци и бизнисмени во својата колумна „Борбата на Албанците за ослободување на Скопје и позицијата на кираџии – прашањето да се унапреди преку Уставот“ тврди дека „со дискриминаторски закони македонската власт во Скопје ги стави Албанците во втор ред, а власта во главниот град во прв план им ја предаде на Македонците, при што политичките партии можат да изберат само Македонец како градоначалник на Скопје“.

Колумната ја објавува косовскиот весник на албански јазик „Бота сот“.

Авторот на колумната поставува вакво прашање: „Зошто со дискриминаторски закони ги поделија општините според етничка линија: главниот град Скопје да им припаѓа само на Македонците, додека Албанците останаа на маргините на локалната власт?“

Во овој контекст тој тврди дека „во оваа земја се уште не е реализирана Европската конвенција за децентрализирање на локалната власт.“ – пренесува „Бота сот“.

Според Карачица, „ДУИ како албанска партија во владејачката коалиција треба да го преиспита законот за локалната власт и за Скопје, за да може во раководењето со него да здобијат право и Албанците, било за позицијата на градоначалник, било за втората позиција во управувањето со овој главен град“.

Овој колумнист го посочува Лондон како модел како треба да се раководи со Скопје: „Сегашната влада, која стана гласна за да влезе во европското семејство, треба да го земе Лондон, главниот град на Велика Британија, како модел како се раководи со еден главен град, бидејќи со Лондон управуваат без никаков проблем и луѓе со различна боја, од различна расна припадност.

„Зошто Албанците да немаат право да раководат со Скопје? Тие имаат свој историски удел во своето Скопје, тие со својата херојска борба го ослободија овој албански град во 1910 година. Во ова време на промени на ерата на демократијата и на човековите права на Балканот Албанците во Македонија треба да се третираат не како кираџии, туку како луѓе кои се наоѓаат на својата земја, во својот дом и во својот етнички простор.“ – заклучува во својата колумна во „Бота сот“ Скендер Карачица, извршниот директор на Албанско – американската асоцијација на интелектуалци и бизнисмени.