Признавам има повеќе прашањата на актуелни теми на кои што не можам да најдам одговор по 32 години занимавање со политичко новинарство.
Едно од прашањата е зошто САД толку многу инсистира Македонија веднаш и под овие услови да го смени уставот кога е јасно дека нема гарантирано членство во ЕУ во наредниве десетина години ниту ќе има брзи преговори со датум за влез како што беше тоа за Словенија, Балтикот и Вишеградската група.
Настрана јавната тајна дека ЕУ сериозно планира во блиска иднина да не прима ,полноправни” членки туку да направи ЕУ во две или три брзини а и тоа нема да се случи брзо.
Клучното прашање деновиве е зошто францускиот претседател Макрон го остави Ескобар сам да ги убедува Македонците за ,,Францускиот предлог”.
Ако Македонија е стварно толку блиску до портите на рајот односно влез во ЕУ како што тврди власта тогаш логично е во земјава деновиве пак да дојдеше францускиот министер за надворешни работи, германската министерка Ана Лена Бербок, а Макрон да се обратеше преку видео бим.
Но не, француската дипломатија која наводно го состави ,,Францускиот предлог” деновиве молчи, ги нема никаде луѓето на Макрон да кажат два збора на темата.
Го нема ни францускиот амбасадор во Македонија, молчи на Водно и остава гневот на граѓаните да оди кон САД кои останаа сами во битката за спас на СДСМ и ДУИ преку уставни измени.
Европјаните, пред се Французите го оставија сам американскиот дипломат Габриел Ескобар од страна на СДСМ да биде прикажуван како платен убиец кој треба да му го земе скалпот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ако не се согласи на уставните измени.
Секогаш кога некоја тема во регионот па и пошироко била важна за западните сојузници секогаш се правеле дипломатски тројки, квинтети и слични групи каде имало претставници на ЕУ и САД.
Само во случајот со македонските уставни измени ЕУ целосно се повлече а на ветрометина е оставен Ескобар како претставник на САД да ,,кине глави” во земјата стратешки партнер.
Овде нешто смрди а умот ми оди на два извора на смрдеа.
Или ЕУ не им кажуваат на САД дека проширувањето е мртво и дека и со уставни измени Македонија нема да влезе во унијата скоро.
Или САД имаат грижа на совест што лани ја измами владата да го потпише Францускиот предлог кој може да ги откочи преговорите со ЕУ по што целиот процес на прегоговори ќе почне да собира прашина по бриселските канцеларии.
Ако во приказната за македонските уставни измени реални е вклучена и ЕУ, Фон дер Лајен од Атина ќе дојдеше во Скопје или уште подобро самитот ЕУ – Западен Балкан ќе се одржеше во Охрид.
Вака испаѓа дека ЕУ не сака да преземе одговорност за притисокот што го прави САД затоа што Брисел знае дека проширувањето се уште не е умрено и не се знае дали и кога ќе оживее.
Третото прашање на кое немам разумен и логичен одговор е што мислат луѓето во СДСМ кои знаат дека ниедна партија не добила битка со својот народ а гледаат дека 80 проценти од истиот тој народ се противи на ,,бугарско сценарио” за промена на уставот.
Зарем во СДСМ не се свесни дека сценаријата за фалсификување на претседателски и парламентарни избори се голема илузија и дека тоа нема да го дозволи никој, пред се народот.
Зошто СДСМ мисли дека ,,кинењето на главата” на Мицкоски од страна на Ескобар утре ќе им донесе политички поени е енигмата која не можам да ја разберам ниту со помош на научна фантастика.
СДСМ е мртва партија која Ескобар не може да ја оживее ниту со техника ,уста на уста” ниту со добивање на премолчена дозвола месециве пред нас Ковачевски и неговите луѓе да украдат стотина милиони евра од државниот буџет.
Ниту партискиот ниту човечкиот живот не може да се купи со пари. Кога доаѓа крајот не можете да го сопрете. Така е во животот, така е и во политиката.