Објектот на Амбасадата на САД во Македонија се наоѓа во непосредна близина на познатата скопска средновековна тврдина. Тој објект по својата грандиозност навистина наликува на една неосвоива модерна крепост. Но, тоа сепак не е најважната причина поради која народот на Американската амбасада ѝ даде и второ, симболично име – Калето.

Тоа име симболизира сила, моќ, но и постојаност и стабилност. Во перцепцијата на граѓаните на Македонија, САД се најважниот стратешки партнер на оваа земја, а водечкиот американски дипломат се смета за најмоќниот човек во Скопје, како и премиерот, ако не и помоќен од него. Се разбира, таа перцепција е резултат и на многу неосновани претерувања, но сепак, не може да се одрече дека во овие три децении независност ставот на американската дипломатија за состојбите во Македонија секогаш бил и останува исклучително важен.

Односот на луѓето во Македонија кон Калето не се сведува само на стравопочит. Македонците паметат дека во раните 1990-ти години, кога земјата се осамостојуваше и кога прашањето на денот беше „ќе нѐ биде или не“, американското влијание на меѓународната сцена беше пресудно. Тогаш Американците го покажаа и го докажаа своето пријателство кон нас. И секако, не може да се заборави тоа дека во годините кога нашата земја беше принудена да ја прифати понижувачката референца ФИРОМ за да стане членка на Обединетите нации, САД воспоставија дипломатски односи со земјава под името „Македонија“.

Односот на јавноста кон пораките што повремено доаѓаат од Калето секогаш е двостран – од една страна, тука е стравот дека повторно се спрема некаква ујдурма во која Македонија ќе биде монета за поткусурување во геостратешките пазарења во регионот; од друга страна, тука е и надежта дека САД и Калето ќе ја поддржат нашата независност, мирот и стабилноста, демократизацијата на земјата и борбата против криминалот и корупцијата.

Неверојатен превид или нешто друго?

Се извинувам што морав да стокмам еден подолг вовед во оваа колумна, но ми се стори тоа нужно, за подобро да се разбере значењето и тежината на најновата изјава на Амбасадата на САД, овој пат за изборот на Ислам Абази за шеф на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Да се потсетиме на таа сосема куса изјава: „Резултатите на изборот ги сметаме за збунувачки, особено што во минатите години потрошивме милиони долари за обука на обвинители и судии во Македонија“.

Колку што е збунето Калето од изборот на Абази, толку сме збунети и изненадени сите ние од ова искрено признание на новата амбасадорка Анџела Прајс Агелер. Зашто, во принцип, од дипломатското претставништво на најмоќната земја на светот може да се очекува сѐ освен – збунетост.

Ова го поттикнува сомневањето дека амбасадорката Агелер немала поим дека за шеф на најважното јавно обвинителство ќе биде избран лик како Абази, човек кого јавноста не го познава, за кого неколку дена по изборот ќе се дознае дека е „формално-правно фотографиран“ на некакви ловџиски дружби со прваците на ДУИ. Изгледа дека човекот што треба да ја предводи битката против организираниот криминал и корупцијата не бил во видното поле на Амбасадата на САД. А првата работа што ја вети новата амбасадорка е помош за Македонија во борбата против корупцијата.

Како можело да дојде до ваков неверојатен превид? Како можело да се дозволи најважната амбасадорка во Македонија да биде збунета од изборот на клучниот „ресорен“ обвинител?

Целата колумна на Бранко Героски на следниот линк:

https://plusinfo.mk/zoshto-e-zbuneta-amerikanskata-ambasadorka-an-ela-pra-s-ageler/