На 13 август, на годишнината на Рамковниот договор, во индустриската зона кај Тетово се собраа целиот владин и врвот на ДУИ за да означат почеток на голема инвестиција – изградба на фабрика за електрични автомобили со помош од државата со околу 45 милиони евра. Најавите беа дека градежните работи ќе почнат за шест до осум недели, но и по двојно повеќе поминато време на локацијата нема ниту машини ниту работници. Што се случува со проектот на кој од почеток се гледа со скептицизам, најмногу поради неуспехот на компанијата да се пробие на светскиот пазар со производот кој сега треба да се прави кај Тетово?
И министерот за економија Крешник Бектеши и директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Јован Деспотовски, тврдат дека сè тече според планираното и дека изградабата на фабриката ќе почне наскоро.

Реткост е на едно место да се појават лидерите на двата најголеми коалициски партнери, плус претседателот на Собранието, плус половина влада, плус директори…

„Денес ќе се постават темелите на инвестиција која само во првата фаза тежи 130 милиони евра и којашто ќе отвори најмалку 890 нови добро платени работни места“,

рече премиерот Димитар Ковачевски на 13 август годинава.
Поводот, овој 13 август, беше – камен темелник на фабрика за производство на електрични автомобили, на германската компанија Е-ГО. Ниту датумот не беше случаен – годишнина од Рамковниот договор.

„Дали таа индустрија на глобалниот пазар има перспектива? Да. Дали таа е одржлива за животната средина? Да. Дали ќе создаде нова перспектива за младината? Да“,

рече министерот за финансии, Фатмир Бесими.
На настанот не беа дозволени новинарски прашања, па деталите се дознаа по церемонијата.

„Фабриката, според најавите што ги имаме, градбата на самиот објект треба да започне во следните 6 до 8 недели. Тоа значи дека многу брзо, на почетокот на есента, ќе го видиме почетокот на градежните работи“,

рече директорот на дирекцијата за ТИРЗ, Јован Деспотовски по завршувањето на церемонијата.
Предвидено беше изградбата на фабриката да започне 6 до 8 недели по помпезната најава. Но, 15 недели подоцна на локацијата има само камен темелник.

Целата анализа на 360 Степени.мк.