Документи од Царинската управа укажуваат на можност министерот за транспорт Бочварски да не ги кажал сите детали кога изјави дека автобусот на Беса Транс кој се запали во Бугарија при што загинаа 45 лица немал лиценца за меѓународен превоз.

Според документот кој го има и на социјалните мрежи автобусот има лиценца со соодветен број и десетици пати патувал на неколку дестинации.

Во меѓувреме од свиркачи во Министерството за транспорт се дознава дека има проблеми со дел од документите од досието за Беса транс.

Од министерството за транспорт тврдат дека автобусот немал лиценца и дека границата ја минувал со лиценца од друг автобус на истиот превозник.

Од Министерството за транспорт и врски и денеска истакнуваат опожарениот автобус кој учествуваше во сообраќајната несреќа во Бугарија, не е пријавен од сопственикот во електронската база на податоци на Министерството, а со тоа не побарал извод од лиценца за ова возило. Оттаму додаваат дека најостро ги демантираат сите шпекулации што ги објавуваат одредени медиуми, а со кои сакале да предизвикаат чувство на несигурност во системот.

-Согласно Законот за превоз во патниот сообраќај член 11 став 1, се вели дека превозникот може да започне да врши превоз на патници во внатрешниот и меѓународниот патен сообраќај, откако ќе добие лиценца за фирмата и извод од лиценца за моторно возило.

Броевите на изводи на лиценци кои се евидентирани во Царинската управа при влез и излез и со кои што се шпекулира во јавноста, во ниту еден случај на се во сопственост на опожарениот автобус. Со ова уште еднаш потврдуваме дека за истиот, превозникот нема извод од лиценца, се вели во соопштението.

Отаму појаснуваат дека автобусот ја поминувал граница со лиценца од друг автобус на Беса Транс.

-За да појасниме, бројот 007017 е број на лиценца на превозникот Беса Транс БТБ за вршење на меѓународен превоз на патници. Бројот 22679, со кој што шпекулираат одредени медиуми, а кој бил користен од опожарениот автобус при излез од земјата, е број на извод од лиценца на друго возило, со други регистарски таблички, исто така сопственост на превозникот Беса Транс.

Тоа подразбира дека превозникот вршел злоупотреба на извод од лиценца од друго возило и лиценца од фирмата и со тоа свесно ги прекршувал одредбите од Законот за превоз во патниот сообраќај.

Потенцираме дека за опожарениот автобус превозникот немал извадено извод од лиценца за вршење на меѓународен слободен превоз на патници и овој автобус не е евидентиран во електронската база на Министерството за транспорт и врски, велат од министерството.

Оттаму појаснуваат дека токму поради тоа Министерството за транспорт и врски ја одзеде лиценцата на вршење на дејност на превозникот Беса Транс БТБ.

-Како превозникот вршел влез и излез од земјата, Министерството за транспорт и врски не е орган кој што има надлежност да контролира, овие информации ќе ги докажат меѓународните и домашните истражни органи.

Повикуваме на објективно информирање, Министерството за транспорт и врски е отворено за соработка за сите информации поврзани со овој трагичен настан, велат од министерството.

Најчитана вест

За превртените камења на Груби

Топи: „Беса Транс работеше без лиценца под ‘чадорот“ на ДУИ – камен што треба да се отркала во бездната!“