Зоран Заев, емпатичен ем патетичен – Пишува Роберт Димитриевски

„Не, не размислувам за оставка! Затоа што Мицкоски ќе биде премиер или заменик-премиер претседателот на Алијанса, Зијадин Села. Кога ќе заслужат. Кога ќе имаат емпатија со народот. Кога ќе бидат тука да помогнат, кога ќе дадат идеи. А, не вака грозотијата да ја користат на најлош начин. Кога се во длабока болка и црнина целата наша држава и народ. И тоа за трите дена жалост, без да мислат за чувствата на децата, на родителите и на сите нас“.

Едно обично прашање што кој било новинар на планетава би му го поставил на премиер по трагедија во која загинале 14 лица од Зоран Заев изнуди ваков необичен одговор со еден куп материјал за психоанализа. Ни Зигмунд Фројд не би знаел од каде да почне.

Ај што намерно го заобиколува прашањето за оставка како дожд околу Крагуевац, ај што не го крие анимозитетот кон Мицкоски и Села, иако не го прашаа за нив, туку за сопствената одговорност за незапаметената катастрофа во тетовскиот ковид-центар, но што ли му значи она „кога ќе заслужат“? Белки не се доживува себеси како родител/старател на лидерите на опозицијата, па ќе им дал награда кога ќе заслужат?! Ние, пак, евидентно неупатени во парламентарната демократија колку владиниов шеф, досега си мислевме дека одлука за тоа кој (заслужува) да биде на власт носат гласачите на избори…

Врв му е, сепак, она за немањето „емпатија со народот“ на претседателите на ВМРО-ДПМНЕ и на Алијанса за Албанците. И тука, рака на срце, Зоки е во право. Ни Мицкоски, ни Села, апсолутно никој не му е ни до глуждот во овој поглед. Три дена го немаше никаде по ужасот во Тетово, за четвртиот да се оправда токму со својата „емпатија со народот“, не сакајќи дополнително да го разжалостува во деновите на жалост. До толку да ти бил емпатичен.

Од исти причини веројатно одолговлекува и со оставката на Филипче и по безмалку 6,4 илјади починати од коронавирус. Едноставно, нема срце на народот да му го земе човекот кој неговата пропагандна машинерија, уште вистински непочната епидемијата во Македонија, го поистовети со Супермен, правејќи дури и стикери со пораката „Слушај го Венко!“. Емпатија „пар екселанс“.

Рака на срце, море две (како што само тој умее), ни премиерот не е суперхерој, па напати знае да биде и патетичен. На Христијан и на Зијадин им префрла дека „грозотијата ја користат на најлош начин“, „без да мислат за чувствата на децата, на родителите и на сите нас“, човекот што се крстеше во сопствените родители и деца дека нема да ја прекрсти државата, а го стори токму тоа?!

Не знам што би рекол Фројд за сето ова, но со голема доза сигурност може да се претпостави како Заев ги перцепира критиките од Мицкоски, од Села и од нивните истомисленици. Чист завидлизам. Заслепени се од што блескаме. Како пламен од пожар, скраја било.

Да не беше трагично, ќе беше смешно. А потрагично не може да биде.