ZOOM седница на ЦО: СДСМ се пофали дека презела добри мерки за Ковид и енергетиката

Во соопштение за јавност партијата на власт соопшти дека вчера одржала седница на Централниот одбор на СДСМ која поради заштита на здравјето седницата се одржала онлајн, преку дигитална платформа.

Според соопштението СДСМ оценува дека власта која е под нејзина контрола презела добри мерки за актуелните проблеми.

,,Членовите на Централниот одбор дискутираа за повеќе актуелни теми, здравствената криза предизвикана од пандемијата, мерките за заштита на здравјето на граѓаните и здравствениот систем, подготовките за почеток на училишната година, за мерките кои ги презема државата како одговор на глобалната енергетска криза и прашањата за продолжување на европскиот пат на земјава.

Претседателот на СДСМ и премиер, Димитар Ковачевски, информираше дека Владата и надлежните институции интензивно ја следат состојбата со пандемијата и врз основа на анализите и препораките на стручните лица и надлежната здравствена Комисија се преземаат мерки за заштита на здравјето на луѓето, за обезбедување на соодветни здравствени капацитети и функционалност на здравствениот систем.

Врз основа на мислењето на Комисијата за заразни болести, согласно препораките на УНИЦЕФ, наставата ќе продолжи со физичко присиство, со доследно придржување и спроведувањето на протоколите.

Во однос на глобалната енергетска криза преземени се сите мерки за обезбедување струја од домашно производство, решен е проблемот со парното во Скопје со преземање на компанијата од страна на државата, моментално фокусот е ставен на ликвидноста на компаниите и заштита на граѓаните и фирмите”, се вели во соопштението на СДСМ.

На онлајн седницата било оценето дека новата енергија и пристап отвора ново поглавје во односите помеѓу Македонија и Бугарија.

,,Се одржа успешна меѓувладина седница на која беа формирани пет работни групи и се потпишаа важни меѓудржавни договори за проекти кои се од интерес на граѓаните од двете држави.

Двете влади и надлежните министерства отворија соработка во областа на инфраструктурата, земјоделството, развој на малите и средни претпријатија, либерализација на превозот на стоки, намалување на цената на роамингот”, информира СДСМ.