Малите политиканти и Големиот Брат – Пишува Роберт Димитриевски

Колку ли треба да се чувствуваш ниско за да се сокриеш зад грбот на американскиот претседател Џо Бајден и да им се закануваш на сопствените граѓани што не го прифаќаат Преспанскиот договор? Да тргнеш во лов на вештерки со извршната наредба на првиот човек на САД, залепувајќи им на неистомислениците антиамериканска етикета без никаков издржан аргумент. Однапред злорадо да се ситиш ако некои од политичките противници ти завршат на црната листа на една од најмоќните држави во светот.

Премиерот Зоран Заев, на пример, декретот на Бајден го нарече ветер во грбот, оценувајќи дека „САД, како најголем стратешки партнер на Македонија, испрати порака до еден куп негатори, мрчатори, поткопувачи, блокатори“.

И неговиот заменик во Владата задолжен за борба со корупција и криминал, за одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски ќе констатира дека ова е „силна порака од нашиот стратешки партнер за сите оние кои ги блокираат и ги кочат процесите во државата“. Генералниот секретар на СДСМ ќе отиде и чекор понатаму, па ќе додаде дека „граѓаните на Северна Македонија цврсто се одлучија да застанат зад Охридскиот и Преспанскиот договор и тоа се темелите на овој нов пат, на ова модерно општество“?!

Зад што стојат граѓаните недвосмислено покажуваат резултатите од пропаднатиот референдум од 30 септември 2018 година со прашањето „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“. Ако за Охридскиот договор немаше плебисцит, па нема квантифициран показател дали и колку од граѓаните го поддржуваа(т), за спогодбата од Нивици сè е јасно: само 36,91 процент од избирачите гласаа, далеку од потребниот цензус од 50 отсто плус еден глас, поради што Државната изборна комисија го прогласи за неуспешен.

Дури и меѓу тие што излегоа на избирачките места, при што на некои од нив се соборуваа светски рекорди со гласање за неколку секунди, 5,82 отсто беа против, што значи дека „Преспа“ доби поддршка од одвај една третина од околу 1,8 милиони македонски избирачи. Останатите две третини со бојкотот на гласањето јасно кажаа што мислат за промената на името на државата.

Од каде тогаш Николовски го извлече заклучокот дека граѓаните цврсто застанале зад Преспанскиот договор? Кои граѓани? Дали под граѓани ги подразбира само тие што гласаат на секој повик од неговата партија? Останатите не се граѓани или нивното мислење е помалку важно од првите? Сите тие ли се за на црна листа зошто сметаат дека договорот што неовластено го потпиша Никола Димитров, а не доби потпис од тогашниот претседател Ѓорге Иванов, е спротивен на интересите на македонскиот народ и на државата Македонија?

На ситниве северџански души залудно им е додворувањето на Големиот Брат преку претставувањето на противниците на Преспанскиот договор како противници и на САД, на Европската унија, на НАТО, па дури и на демократијата и на напредокот?! Демант за тоа се анкетите во овие 30 години независност, во кои огромно мнозинство од граѓаните на Македонија даваат поддршка за членството во Северноатлантската алијанса и во ЕУ. А тоа е токму на линијата на американската надворешна политика, која по македонскиот влез во НАТО се залага и за членството на земјава во Унијата.

Напротив, „негатори, мрчатори, поткопувачи, блокатори“ се токму актуелните властодршци, кои ја игнорираат волјата на народот и со сопствената неспособност, корумпираност, алчност, расипништво и недемократско владеење само за четири години ја вратија Македонија најмалку 14 години назад. Катастрофалниот пад во рангирањата на „Транспаренси интернешенел“ и на други меѓународни организации се потврда за тоа.

Однесувањето на Заев, Николовски и на нивните пајташи по декретот на Бајден неодоливо потсетува на комичните сцени со кошаркарската ѕвезда на некогашна Југославија, Зоран Славниќ, во главната улога. Откако ќе се „спукаше“ на теренот со некој од ривалите, бекот висок 180 см се криеше зад Рајко Жижиќ (210 см) или зад некој друг од „џиновите“ меѓу соиграчите и продолжуваше да гестикулира и да се заканува. Разликата меѓу легендарниот Мока и уште полегендарните Зоќе, Љупче и таквите како нив е во тоа што првиот тоа им го правеше на други, а несреќиве на своите.