„Зоки Поки“ наскоро ќе се емитува на шведската национална телевизија СВТ како прва македонска серија, а ќе оди на специјализираниот канал за детска програма „СВТ Барн“.
„Многу сум среќен што серијата ʻЗоки Покиʼ ги задоволи високите скандинавски стандарди за детска програма. Ова е доказ за универзалноста на серијата и на темите кои ги обработува и кои се интересни за децата од целиот свет. Со ова се потврдува вредноста на вонвременското дело на писателката Оливера Николова и за квалитетот на македонските филмски автори. Прикажувањето на серијата на Шведската национална телевизија е голем успех за Кино Око и за македонската продукција. Во преговори сме за прикажување на серијата во Норвешка, Хрватска, Србија и Словенија. Но, и покрај големиот интернационален успех и популарноста во Македонија, сепак, е неизвесно снимањето на втората сезона. Се надевам дека оваа вест ќе биде дополнителен мотив за финансиска поддршка на втората сезона од серијата“, вели продуцентот Роберт Насков.
Зоки Поки, Лидија, Гоки и Боки од омилената лектира во Македонија ќе зборуваат на шведски, а преку нивните забавни и поучни искуства ќе се зајакнуваат вредностите на едукација, родова еднаквост, диверзитет и квалитет.
Десетте епизоди од првата сезона на „Зоки Поки“ премиерно се емитуваа на првата програма на Македонската телевизија од мај до јуни 2020 година.