Група граѓански организации обединети околу Платформата за борба против корупција бараат од претседателот Стево Пендаровски да не ги потпишува измените во Кривичнот законик кои во средата ги изгласа владејачкото мнозинство во Собранието.
Шефот на државата се’ уште не се огласил по вчерашните експресно усвоени измени кои предизвикаа бројни реакции во јавноста.
Од Платформата наведуваат две причини зошто Пендаровски има должност да го искористи правото на вето:
Прво, со измените на членовите 353 и 353-в, предложеното намалување на казните ќе резултира со застарување на многу случаи од висок профил како Титаник, Таргет/Тврдина, ТНТ, Титаник 2, Трезор, Талир, Шпански скали и Траекторија, како и други случаи од понизок профил. Дополнително, измените ќе ја урнисаат довербата дека борбата против корупцијата е можна, и ќе ги демотивира граѓаните да пријавуваат корупција, а ќе ја намали и превентивната функција на системот на кривична правда, посочуваат од Платформата.
Втората причина е поврзана со процедуралните недоследности, во кои измените на овие два члена се разгледувани со специјална и кратка процедура под капата на европско знаменце, иако според постоечките кореспондентни табели не се усогласуваат со европското право.
„На тој начин, се изигруваат скратените процедури и Собранието не ја исполнува својата должност на делиберација по нормите кои ги носи“, посочуваат од Платформата.
