Златановска Попова: Утврдете ја својата лична животна мисија пред да започнете со бизнис

Интервју со Катерина Златановска Попова на радио поткастот на WERADIO, поткаст на Националната платформа за женско претприемништво. Златановска Попова е на претседателската позиција на Македонската артизанска трговска асоцијација со цел – развој на дизајнот и креативното занаетчиство.

Г-ЃА КАТЕРИНА , АЈДЕ КАКО ЗА ПОЧЕТОК ДА НИ РАЗЈАСНИТЕ ПО ШТО Е АРТИЗАНСТВОТО ПОИНАКВО?

Катерина: Ви благодарам за поканата и за можноста да поразговараме за една поинаква форма на претприемништво која има важна улога и во нашата традиција. Артизанството директно се поврзува со рачната изработка, во релативно мали серии наспроти масовното индустриско производство, уникатноста на секое едно парче, уметничкото изразување во кое се внесени не само часови и часови труд туку и многу љубов, умешност и знаење. Кога зборуваме за артизанство, зборуваме за различен сет на вештини кои се вткаени во одреден производ. И се разбира, тука е предизвикот како да се одреди вистинската цена и производот успешно да се пласира на пазарот.

ОСВЕН ПОТТИКНУВАЊЕ НА РАЗВОЈОТ НА ДИЗАЈНЕРСКИОТ СЕКТОР И ОНОЈ НА КРЕАТИВНОТО ЗАНАЕТЧИСТВО СЕ СТРЕМИТЕ И ЗА ВИДЛИВИ СОЦИЈАЛНИ ПРОМЕНИ? ЗА КАКВИ ПРИДОБИВКИ СТАНУВА ЗБОР?

Катерина: Во фокусот на работењето на МАТА уште од самите почетоци беше социјалното претприемништво и поддршка на ранливите категории. Досега имаме реализирано низа проекти и активности за лицата со посебни потреби со кои сме креирале производи наменети за поддшка на нивните организации и нивната оддржливост. Исто така посветено работиме на развој на практични вештини за овие лица да можат да се вклучат во процесот на производство и на пазарот на трудот. 

КОИ СЕ СЕ ВАШИ ЧЛЕНОВИ И КАКОВ Е НИВНИОТ ПРИДОНЕС?

Катерина: Наши членови се артизани од различни индустрии кои креираат и создаваат производи негувајќи ги старите традиции, но и оние кои користат модерен пристап и иновативни материјали за крееирање на своите производи. Најголемиот придонес е кога вештините од одреден занает се пренесуваат низ генерациите со тоа што младите внесуваат своја уникатност и иновативен пристап во изработката на производите.

ВИЕ РАБОТИТЕ И НА  СПОЈУВАЊЕ ИЛИ ПОДОБРО РЕЧЕНО ПРОМОЦИЈА НА НАШЕТО АРТИЗАНСТВОТО И НА МЕЃУНАРОДНАТА СЦЕНА?

Катерина: Да, секако, мисијата на МАТА е да ги претставиме нашите креативни артизани во регионот но и пошироко. Имавме одлично долгогодишно успешно претставување до пред Короната на Божиќниот базар „Кристал Маркет“ во Нимберг, Германија, кој е всушност збратимен град на Скопје, каде наши артизани имаа можност да ги понудат своите уникатни производи.

ЗА ШТО СЕ КОНКРЕТНО СЕ ГРИЖИ КАТЕРИНА ВО МАТА?

Катерина: Во оваа 1 година колку што сум на чело на организацијата, мојата улога е да ја продолжам долгата традиција и наследството на претходното раководство дополнувајќи ја понудата на активности и формата на поддршка со работилници за меки вештини, коучинг, кариерно советување и меѓународни соработки. Така, есенва бевме домаќини на студиска посета од Полска каде на гостите им презентиравме различни социјални претпријатија кои работат со рециклирање и реупотреба на дрво, стакло и текстил како начин за намалување на отпадот и зачувување на животната средина. Веруваме дека размената на добри практики ќе ни овозможи нови партнерства и потенцијални проекти во рамки на Еразмус програмата.

КОИ СЕ ПРОБЛЕМИ МОЖЕ ДА ГО НАРУШАТ НАПРЕДОКОТ НА МАТА? И ИМАТЕ ЛИ ПОДДРШКА ОД ДРЖАВАТА?

Катерина: Јас по природа сум личност која гледа можности и најчесто на проблемите гледам како препреки кои чекаат да бидат надминати. Нашата работа подразбира соработка и вклучување на различни чинители и засегнати страни, а како невладина организација нашата оддржливост најмногу зависи од проектите кои најчесто ги спроведуваме со меѓународни донатори. Државата, за жал, засега прави многу малку за поддршка и промоција на артизанството. За зачувување на старите занаети и различни субвенции и бенефиции за артизаните да не зборуваме, иако има мали поместувања, сепак тоа е премалку за да може да зборуваме за одржлив бизнис. Има многу што може и треба да се направи за овој сектор и јас силно верувам дека дополнително треба да се продлабочува соработката со нашите државни институции.

НАЦИОНАЛНАТА ПЛАТФОРМА ЗА ЖЕНСКО ПРЕТПРИЕМНИШТВО, МЕЃУДРУГОТО, ГИ ОПФАЌА АКТИВНИТЕ ЖЕНСКИ ПРЕТПРИЕМАЧИ И ГО ПОТТИКУВА РАЗВОЈОТ НА ЖЕНСКОТО ПРЕТПРИЕМНИШТВО. КАКВО Е ЗНАЧЕЊЕТО ОД ВМРЕЖУВАЊЕТО ВО ВАКВИ ЖЕНСКИ ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ЖЕНИТЕ КОИ ВЕЌЕ ИМААТ СВОИ БИЗНИСИ, НО И ЗА ОНИЕ ШТО СЕГА ПОЧНУВААТ ИЛИ САКААТ ДА ПОЧНАТ?

Катерина: Дефинитивно вмрежувањето е најсилното и најмоќно оружје во бизнис светот. Јас сум поборник за градење на мостови и градење на соработки. Тоа отвора можности за нови идеи, проширување на искуствата, учење и споделувања на добри практики.

ВАША ПОРАКА ДО ДРУГИТЕ ЖЕНИ?

Катерина: Ова прашање е вистински предизвик. Од моето досегашно искуство во работата со жени, осознав дека развојот на идеја и отпочнувањето на бизнис е поголем предизвик за жените поради начинот на кој размислуваме и нашиот внатрешен говор кој пак директно влијае на самодовербата. Веројатно и првото нешто што ми дојде на ум како препорака е токму книгата “Храбри, наместо совршени„ од Рашма Саџани, ја има и кај нас преведена на македонски јазик, и посебно би им ја препорачала на сите оние кои се подготвуваат и размислуваат да отпочнат сопствен бизнис. Дополнително, од посебна важност, пред да отпочнете со сопствен бизнис е всушност да ја утврдите својата лична животна мисија која ќе ви биде постојана водилка, особено во периодите кога ќе се соочите со предизвици и потешкотии. И секако, она што го сметам за клуч на успехот кога станува збор за претприемништвото, а тоа е бизнисот да биде втемелен на вредности, значи, кои се кличните 5-6 вредности кои ќе бидат столбови на вашиот бизнис, врз база на кои ќе ги носите одлуките и ќе ги градите релациите со клиентите и соработниците. Ете така некако би го заокружила мојот совет до сите драги жени кои не’ слушаат во моментот.

Оргиналниот текст на интервјуто на следниот линк:

ЕПИЗОДА 26 – КАТЕРИНА ЗЛАТАНОВСКА ПОПОВА